„Протоколот од Кјото“ е термин што често се употребува кога се зборува за ублажување на климатските промени, но колку од нас навистина знаат што е тоа и што всушност претставува тој во глобалната борба со климатските промени?
Протоколот од Кјото е меѓународен договор под капата на Рамковната конвенција за климатски промени на Обединетите нации (UNFCCC) кој ги обврзува индустриски развиените земји да ги намалат своите емисии на стакленички гасови. Тој се смета за прва и најширока соработка меѓу земјите од целиот свет што се однесува до еколошките проблеми.
Првично беше усвоен на 11 декември 1997 г. во Кјото, Јапонија, а стапи на сила на 16 фебруари 2005 година. До денес, 192 земји ја ратификуваа спогодбата.
Како работи?
Кјото протоколот ги дели земјите во две групи: оние што се дел од Анекс 1 и оние што не се дел од него. Анекс 1 ги вбројува развиените земји и според UNFCCC, намалувањето на емисиите на стакленички гасови се однесува само на земјите вклучени во Анекс 1. Од сите 37 развиени земји под Анекс 1, вклучувајќи ја и Европската унија, се бара да остварат намалување на емисиите во просек од 5.2% во 2012 година, споредено со нивоата од 1990г.
Увидувајќи дека воглавно развиените земји се виновни моментално високите нивоа на стакленички гасови во атмосферата како резултат на повеќе од 150 години индустријализација, Протоколот им наметнува поголем товар на развиените земји по принципот на „заедничка, но различно поделена одговорност“.
Земјите што не се дел од Анекс 1 учествуваат во Протоколот со инвестирање во проекти кои ќе помогнат во намалувањето на емисиите во нивните земји. За овие прокти тие заработуваат карбонски кредити кои може потоа да ги продадат на земјите од Анекс 1, а овие пак со тоа добиваат дозвола одреден период да имаат повисоки емисии.
Со протоколот се поставени 3 главни механизми: трговија со емисии, механизам за чист развој и здружена имплементација.
Од трите механизми, според UNFCCC, трговијата со јаглеродни кредити е клучната алатка за намалување на емисиите на глобално нивно, со остварени 30 милијарди долари во 2006, односно 176 милијарди во 2011 година, според пресметките на Светска банка.
Механизмот за чист развој и здружената имплементација се проектни механизми и делуваат како помошни средства за пазарот со кредити. Механизмот за чист развој (CDM) предвидува вложување во проекти за одржлив развој наменети за намалување на емисиите во земјите во развој, додека здружената имплементација (JI) им овозможува на две или повеќе развиени земји да остваруваат заеднички зелени проекти. Преку CDM програмата досега се реализирани повеќе од 5000 проекти. Се проценува дека од 2006 г. до сега, преку CDM се остварило намалување на емисии еквивалентно на 2.9 милијарди тони CO2, што е еднакво на вкупните емисии на Германија, Велика Британија и Австралија заедно.
Критики
Иако на Протоколот од Кјото се гледа како на глобален договор кој помага во борбата против климатските промени, многумина тврдат дека концептот е во основа погрешен и дека не се постигнува доволно за намалување на емисиите на стакленички гасови и спречување на климатските промени.
Пример за ова е фактот што сè уште не постојат казни за земји-потписнички што го ратификувале договорот, но не успеале да ги намалат емисиите во предвидените количини за дадениот период. Многу експерти се залагаат за повеќе опции, меѓу кои и парични казни, трговски санкции или некои други казни кои би биле пропишани со некој нов договор.
Друг проблем е што секоја земја може да се повлече од протоколот и покрај ратификацијата. Сè што треба да направи е да даде известување една година однапред. Оваа одредба дава впечаток дека Протоколот е несериозен и не е нешто неопходно, штом толку лесно може да се помине за неисполнување на обврските.
Со истекувањето на договорот на крајот на годинава и подготовките за ратификација на Кјото 2 во јануари 2013г., да се надеваме дека овие недостатоци ќе бидат отстранети во втората фаза од овој битен проект. Австралија и ЕУ веќе најавија дека ќе го потпишат Кјото 2, но успехот на овој договор многу зависи САД, земјата одговорна за околу 36% од светските емисии од развиени земји во 1990г., која сè уште се двоуми и е единствената земја од Анекс 1 што не го ратификувала ни првиот дел од договорот.