Во септември в година се очекува целосно да биде завршен новиот спортски центар „Јане Сандански“ во скопската населба Аеродром, во чии рамки, освен големата сала за 5.800 гледачи, која ќе биде дом на кошаркарскиот тим МЗТ, ќе има и мала сала за 1.000 гледачи, спа, фитнес, аеробик и пинг-понг центри, игротека и хотел со 67 соби. Целата ова вкупна површина од 13.500 квадрати ќе се затоплува и ќе се лади со користење на подземните води. Градежната оператива на „Гранит“ по проект на „Радо инженеринг“ интензивно работи на терен за да може до мај, како што е зацртано, да ги заврши градежните работи. Притоа треба да се изградат пет резервоари под нивото на големата сала, со вкупен капацитет од 4.500 тони вода, пишува „Дневник“.
Користењето на подземните води по системот „вода-вода“ ќе биде единствен начин на кој во иднина сите овие објекти ќе се затоплуваат и ќе се ладат, а за задоволување на потребите од топла водата во спортските сали дополнително ќе се постават и соларни панели. Новиот спортски центар ќе биде уште еден од малкуте енергетски ефикасни објекти во земјава, кои ги користат подземните води и ќе прават огромни заштеди во потрошувачката на енергија.
„Користењето на подземните води го сметаме за единствена опција која може да обезбеди економска исплатливост на целиот спортски центар. Ниту користењето струја ниту мазут, а ни гасот нема да можат да дадат такви ефекти, особено што сите процени зборуваат дека во иднина нивните цени ќе растат. Подземните води што ги има Скопје се богатство што треба да се искористи и на тоа во иднина би требало да се посвети многу повеќе внимание и на ниво на општините, но и на државата“ вели Самоил Симев, директор на спортскиот центар „Јане Сандански“, за весникот.
Тој објаснува дека ваквите системи се всушност единствени кои може да обезбедат рентабилност на вакви и на слични големи центри и треба да се искористат секаде каде што има можности за тоа, односно каде што постојат обилни подземни води. А во Скопје ги има многу бидејќи доаѓаат од сливови од Водно. Па, така, сите мерења што биле правени лани покажале дека резервите на подземните води биле на максимално ниво.
„Во спортската сала „Борис Трајковски“, каде што претходно бев заменик-директор, ни доаѓаа сметки за парно од 50.000 евра. За вакви центри предвидени се норми на работа, како за условите за играчите така и за гледачите, а за тие да се исполнат, се троши многу енергија. На пример, за секој играч потребно е да се обезбедат 40 литри вода за туширање по секој тренинг, што значи огромна потрошувачка на енергија за затоплување на водата“, истакнува Симев, за „Дневник“, кој не крие дека за тоа како треба да работи новиот центар е црпено искуство токму од „Борис Трајковски“.
Водата што доаѓа од земјата е со температура од 13 до 15 степени и таа ќе треба да се догрева, односно лади за да може да се користи за затоплување и за разладување за што ќе користи струја, но тоа ќе биде исплатливо бидејќи ќе се троши многу помалку. Освен тоа, со планот на работа на секој од објектите и компјутерско вклучување на системот ќе се прави рационализација, односно заштеди. Истовремено дополнително штедење ќе се прави со соларните панели кои ќе бидат единствено наменети за затоплување на водата што ќе се користи за туширање или за други потреби во секој од центрите.
„Инвестицијата за ваквиот систем можеби на почетокот изгледа голема, но според направаните пресметки, таа во нашиот центар, со сегашните цени на енергентите, ќе се врати за четири до пет години. Оттаму користењето на подземните води треба да биде дел од стратегија која треба да се изготви во државата и ако треба и да се субвенционира нејзиното користење не само во вакви големи објекти туку и во оние за домување бидејќи ќе се прават огромни заштеди на енергија“, истакнува Симев.
Први големи комплекси кои почнаа да ги користат подземните води за затоплување и за разладување се болницата „Аџибадем Систина“ и трговскиот центар „Соравија“, вели Симев, па оттаму и се црпени искуствата за спортскиот центар „Јане Сандански“.
Овој систем денес го користат и речиси сите објекти во индустриската зона Бунарџик, новата зграда на ФФМ, а слични чекори и подготовки се прават и во центарот „Борис Трајковски“, но и во спортската сала „Кале“, која е дом на ракометарите и на ракометарките на „Вардар“ чиј спонзор е Сергеј Самсоненко, кој е и инвеститор на спортскиот центар „Јане Сандански“.
Извор: НЕТПРЕС