„Доколку Регулаторната комисија за енергетика процени дека не постои ефикасна конкуренција на пазарите на природен гас, електрична и топлинска енергија, може во соработка со Комисијата за заштита на конкуренцијата да изврши дополнителни истражувања и да одлучи да се преземат мерки со кои ќе се обезбеди унапредување на конкуренцијата и ќе обезбеди ефикасно функционирање на енергетските пазари“, пишува во Законот за енергетика
После цела деценија им текна дека треба да се гради гасоводна мрежа во Скопје
Македонските компании што користат природен гас во производството и кои воедно се носители на економскиот пораст се принудени да плаќаат и до 100 евра повисока цена за овој енергенс отколку компаниите во регионот и поради тоа сериозно се загрозува нивната конкурентност на меѓународните пазари. Главна причина за ваквата состојба е што на пазарот на природен гас во Македонија има конкуренција само на хартија, а доказ за тоа е што единствен увозник на овој енергенс е „Макпетрол“.
Уште една причина поради која цената на природниот гас овде е многу повисока отколку во земјите од регионот е што државата и „Макпетрол“, кои се косопственици на акционерското друштво за пренос и за управување со ситемот за пренос на природен гас ГА-МА, поради меѓусебен спор со години наназад не инвестираа ниту денар во развој на гасоводната мрежа. Денес, нејасно е зошто државата, односно Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) не интервенираат, иако имаат законска можност суштински да ја сменат методологијата за формирање на цените на природниот гас и да ја преиспитаат монополизацијата на пазарот на природен гас.
Имено, во член 23 од новиот закон за енергетика се вели дека „доколку при следењето на функционирањето на пазарите на електрична енергија, топлинска енергија и природен гас Регулаторната комисија за енергетика процени дека не постои ефикасна конкуренција, може во соработка со Комисијата за заштита на конкуренцијата да изврши дополнителни истражувања и да одлучи да се преземат мерки со кои ќе се обезбеди унапредување на конкуренцијата и ќе обезбеди ефикасно функционирање на енергетските пазари“.
Сепак, и покрај тоа што цената на природниот гас во Македонија континуирано расте, кај регулаторите не постои расположение да се интервенира на овој пазар.
Димитар Петров, претседател на Регулаторната комисија за енергетика, вели дека комисијата во рамките на својата надлежност ги исполнила сите обврски за да обезбеди конкуренција на пазарот на природен гас во земјава. Тој прашува зошто компаниите што добиле лиценци за трговија со гас досега не увезле гас во земјава.
– Покрај „Макпетрол“, комисијата додели лиценци за тргување со гас за уште неколку компании, меѓу кои се и „Топлификација“ и гасната централа ТЕ-ТО, кои се квалификувани потрошувачи. Тие слободно можат на меѓународниот пазар да обезбедат увоз на гас – вели Петров.
Тој вели дека комисијата не може да навлегува во прашањето дали „Макпетрол“ има ексклузивно право за увоз на гас од „Газпром“ и додава дека високата влезна цена на природниот гас е поради малата потрошувачка, односно ниската стапка на транзит на гас преку гасоводот.
– „Газпром“ поради малите количества гас што се купуваат нуди едногодишни договори и не дозволува склучување договор за набавка на повеќе години. Инаку, „Газпром“ нуди универзални договори со кои цената на гасот се пресметува со формула во која како параметри се земаат цената на мазутот и на дизелот на светските берзи. Доколку потрошувачката во Македонија би била поголема, со сигурност би се намалила и цената на гасот, со оглед на тоа што би се намалиле и трошоците за транзит – вели Петров.
На прашањето дали на пазарот на гас во земјава има еден вид монопол, со оглед на тоа што „Макпетрол“ е косопственик на акционерското друштво ГА-МА, кое управува со системот за пренос на природен гас во земјава и воедно е единствен увозник на овој енергенс, Петров вели дека во надлежност на комисијата е да ја регулира работата на ГА-МА, како управител на гасоводниот систем, а не сопственичката структура.
– За тоа дали постои монопол или не, надлежна е антимонополската комисија – вели Петров.
Преземено од: Нова Македонија