Само со исклучување на апаратите од стендбај-положба може да заштедиме дури 10 проценти од потрошувачка на струја, што е двојно повеќе од последното поскапување од 5,48 проценти
Сметките ќе паднат за над 40 проценти доколку се заменат и обичните ветилки со штедливиСтрујата во Македонија сепак може да „поевтини“. За колку – зависи од секој нас поединечно. Со исклучување на апаратите од стендбај-положба може да заштедиме меѓу 5-10 проценти од потрошувачката на струја, што значи и за толкав процент пониски месечни сметки. Дополнителни неколку проценти може да се заштедат и со промена на електричната четка за заби со обична, апаратот за бричење со механички жилет, рачката за туш што троши многу вода со поекономична итн. Промената нема да нé чини речиси ништо, но заштедите ќе бидат значителни, посочуваат експертите. Сметките ќе паднат за над 40 проценти доколку се заменат и обичните светилки со штедливи, се променат вратите и прозорците, се подобри изолацијата, се вгради сончев колектор… По последното поскапување на струјата, експертите апелираат на промена на навиките како единствена алатка за борба против трендот на поскапување на струјата, кој ќе продолжи и во иднина. Процените на ММФ се дека во Македонија струјата ќе поскапи за најмалку 40 проценти до 2015 година, додека во исто време драматично ќе се зголеми побарувачката за овој енергенс. Како што ќе растат економијата и индустриското производство така ќе расте и потребата за струја, која ќе нема од каде да се набави. Во вакви околности енергетската ефикасност е единствениот спас.
Урс Јакоб, финансиски директор на ЕФТ-групацијата, смета дека не само што е загрозена регионалната сигурност во снабдување со електрична енергија за домаќинствата и индустријата, туку е сосема сигурно дека порастот на повеќе индустриски гранки ќе биде ограничен по 2015 година.
– Целиот регион има сериозен проблем. Дури и со неколкукратно зголемениот увоз регионот на Југоисточна Европа може да се соочи со рестрикции во испораката на струја – нагласува Јакоб.
Анализите покажуваат дека потребите за енергија во регионот ќе се зголемуваат за 2,2 проценти секоја година до 2020 година. Од Европската агенција за енергетика тврдат дека до 2030 година потребите за енергија ќе се зголемат за 53 проценти.
– Со примена на мерките на енергетска ефикасност ваквиот очекуван пораст може да се сведе на прифатливи 18 проценти, што значи да се заштедат дури 35 проценти од вкупните потреби за енергија. Повеќе од јасно е дека во иднина енергетската ефикасност ќе биде најважниот извор на енергија – ни изјавија од Европската агенција за енергетика. Според министерот за економија Фатмир Бесими, до 2018 година Македонија треба да ја зголеми енергетската ефикасност за 9 проценти, а до 2020 година за 15 проценти.
– Тоа би значело заштеди од 14,5 проценти, односно 24 проценти за резиденцијалниот сектор, 12 проценти во комерцијалниот, 38 во индустријата и заштеди од 25 проценти во транспортот – нагласува Бесими.
Меѓу низата мерки од Министерството ги посочуваат и субвенциите за сончеви колектори, медиумските кампањи за штедење, мерките за ефикасност во градежништвото итн. И од Организацијата на потрошувачи (ОПМ) апелираат на поголема штедливост како превенција од струјниот ценовен шок.
– Прегревање на просториите за само 1 степен над потребното значи 7 проценти поголема потрошувачка на струја – велат од ОПМ.
Обединетите нации преку посебен документ, насловен „Смени ги навиките“, ги посочуваат критичните точки на расфрлање со енергија. Така, стендбај-положбата, кога телевизорот ви е исклучен, но свети црвената светилка, троши релативно малку струја (од 0,5 до 15 вати), но со оглед на бројот на апарати во домаќинство што работат на овој принцип (телефонска секретарка, ДВД и цеде-плеер, печатач, декодер, кафемат и разни други апарати) потрошувачката е огромна, толку голема колку што е целокупната емисија на стакленички гасови на целата индустрија за воздухопловство во светот, пресметале од ОН.
Неколку трикови за пониски сметки
– исклучување на сите уреди од стендбај-положба
– обична наместо електрична четка за заби
– бричење со жилет, наместо со електричен апарат
– штедлива туш-рачка
– будилник на навивање наместо на струја
– замена на обичните светилки со штедливи
– монитори со рамен екран наместо со катодна цевка
– подобра изолација на подот, таванот, ѕидовите
– прозорци и врати што дихтуваат
– ентериер со повисока термална акумулација
– автоматска регулација на температурата
Автор: Александар С. Димковски
Преземено од Нова Македонија