Научниците во САД работат на нов начин на складирање на CO2 кој не само што ќе го намали нивото на CO2 во атмосферата, туку ќе призведува електрична енергија. Истражувачите од Националната лабораторија Лоренс Баркли имаат за цел да го спојат производството на струја од геотермална енергија со складирањето на јаглерод диоксид.
-Ова е прв проект што ќе има за цел геотермално загреаниот CO2 да го искористи за производство на електрична енергија – вели водачот на овој проект, машинскиот инженер Бери Фрајфелд.
Оваа технологија има и дополнителна предност – евтино отстранување на CO2 од атмосферата, благодарение на геолошкото складирање на јаглерод диоксидот. Геолошкото складирање претставува стратегија за намалување на климатските промени што опфаќа прифаќање на јаглерод диоксид од големите загадувачи и негово вметнување под земја. Иако ова овозможува употреба на фосилни горива без да се испуштаат стакленички гасови во атмосферата, овој процес е доста скап.
-Складирањето на CO2 бара многу енергија, потребни се големи пумпи и компресори. Со новиот метод можеме да ја намалиме цената на чинење со производство на енергија од него – вели Фрајфелд.
Употреба на јаглерод диоксидот
Идејата е да се вбризга CO2 3 километри под земја, во седиментниот слој каде температурата е околу 125° C. Загреаниот CO2 потоа се враќа на површината и се доведува до турбина каде што неговата енергија се претвора во електрична. Потоа повторно се вбризгува во земјата, повторувајќи го процесот.
Оваа технологија ќе реши уште еден проблем многу чест кај геотрмалната енергија. Кај конвенционалните геотермални централи се пумпа вода под земја, при што 5 – 10% се губи низ пукнатините на земјата. Ова значи дека постојано мора да се додава вода во системот. Кај новиот систем со CO2 исто така ќе има некои „загуби“, но тоа е добра работа, бидејќи јаглерод диоксидот ќе биде заробен под земја, а не ослободен во атмосферата. Уште една предност е што при процесот може да се добие вода, заради содејството на јаглерод диоксидот со јаглехидратите во земјата.
Како потврда за полезноста на новата технологија, проектот ќе биде постојано анализиран, како и неговото влијание врз природата, за цело времетраење на проектот.