Првиот лет околу светот целосно напојуван од сонцето се планира да биде изведен во 2015 година. Авионот Solar Impulse е дизајниран од Бертран Пикард (можеби некој далечен предок на Жан-Лук Пикард?), човекот кој беше првиот што без прекин патуваше околу светот со балон во веќе далечната 1999 година.
Главната иновација кај Solar Impulse е неговиот капацитет да лета и преку ноќ, благодарение на неговиот енергетски ефикасен батериски систем и неговиот лесен и едноставен дизајн. Како за авион, тој е многу лесен, полесен дури и од еден автомобил, а напојуван е од 12 000 соларни ќелии кои се поставени долж неговите многу долги крила.
-Електричната енергија која се произведува во соларните ќелии истовремено се носи до моторот и до батериите, со што се овозможува непрекинато летање. Потоа доаѓаме до наредното изгрејсонце и теоретски, така можеме да продолжиме засекогаш – вели Пикард.
Идејата на овој психолог и аеронаут му дошла пред 13 години, набрзо откако го обиколил светот со балон. За тоа патување биле потребни огромни количини на гориво и ресурси, па Пикард бил мотивиран да дизајнира нешто поефикасно и самоодржливо, доколку сака повторно да преземе некој сличен потфат.
Така, во 2009г. после многу истражување и дизајнирање, Бертран и неговиот бизнис партнер Андре Боршберг го претставиле Solar Implulse, авион кој не зависи од никакво гориво освен од сонцето. Една година после промоцијата на авионот, тие ја демонстрирале неговата ефикасност со ноќен лет над Швајцарија кој траел 26 часа и 9 минути. Во јуни оваа година постави рекор за меѓународен лет за ваков тип на авиони, летајќи од Шпанија до Мароко.
Но, Solar Impulse не е ни блиску до сериско производство за поширокиот паза (доколку и постои пазар за вакво нешто), и покрај вложените околу 100 милиони долари во текот на 10 години работа. Една од неговите главни предности е всушност и еден од најголемите недостатоци – неговата мала тежина, заради која дури и помало невреме може да биде опасно за авионот. Друг проблем се јавува заради високоефикасната искористеност на енергијата за придвижување на леталото, заради што нема контрола на климата во кокпитот. Исто така, авионот е склон кон затајување при ниски брзини.
И покрај овие недостатоци, Боршберг и Пикард се надеваат да го остварат целосно солрно напојуван лет преку САД напролет, а нивната крајна цел е во 2015 да направат лет околу светот за 20 дена.