Револуционерните соларни канти за отпадоци, кои моментално се тестираат во Велика Британија, имаат многу предности во однос на стандардните канти. Една од тие е дека имаат капацитет да соберат осум пати повеќе отпадоци.
Big Belly Bins се канти кои функционираат на начин што отпадоците се компресираат со помош на сончевата енергија. „На кантите им е потребна мала количина на дневна светлина за да може да функционираат“, вели Боб Картер, оперативен менаџер за улици и отворени простори во Градскиот Совет на Кембриџ.
Еко кантите, кои се тестираат во паркот Green End Road во Кембриџ чинат 3.000 фунти, додека „обичните“ чинат 1.000. Кога кантата ќе се наполни 85 отсто, праќа предупредувачки сигнал до службите за чистење, пишува Daily Mail.
Кантите имаат капацитет од 800 литри отпадоци, за разлика од стандардните кои собираат 100 литри, а за нивното компресирање се користи механизам, кој не користи хидраулични флуиди, а работи на стандардна 12-волтна батерија, која ја полни соларниот панел.
„Ги тестираме соларните канти во Велика Британија, иако тие веќе се користат во САД. Овие канти значат намалени трошоци за гориво на Градската служба, и намалено емитување на јаглероден диоксид“, вели советникот за климатски промени Клер Блер.
„Кантите, исто така, се компатибилни и со СИМ картички кои можат да испраќаат порака или меил, кога се полни“, додава Блер.
Преземено од:КАЈГАНА