Хелиостатите се најдобро познати како „оние големи огледала што ја насочуваат сончевата светлина кај соларните централи со концентрирана соларна енергија“. Долго име ко за едно огледало, нели? Еве да дадеме една поопшта дефиниција: хелиостат е направа што содржи огледало, најчесто рамно огледало, која се врти околу оска со цел постојано да ја насочува сончевата светлина кон одредена цел, со тоа надоместувајќи го движењето на сонцето по нашето небо. Пак долго е… Во кратки црти, секогаш кога ви треба постојано насочување на сончевата светлина кон нешто, вам најверојатно ви треба хелиостат.
Од компанијата Wikoda Inc. од САД дојдоа до идеја да произведуваат хелиостати за домашна употреба, со чија помош луѓето би можеле да ја зголемат количината на природна дневна светлина која влегува во нивниот дом, со што се намалува употребата да вештачка светлина, односно светилки.
Од компанијата истакнуваат дека порано хелиостатите чинеле и по неколку илјади долари и биле погодни само за истражувања, што ни оддалеку не е буџетски ефикасно како замена на осветлувањето во домот. Но, за својот нов производ од компанијата велат дека е доволно евтин и практичен за да биде економски исплатлив за резиденцијална употреба.
-Еден единствен хелиостат рефлектира околу 50000 лумени светлина и може целосно да го подобри амбиентот во една соба – нагласуваат од компанијата.
Колку за потсетување, една обична светилка од 75W од еден реномиран производител дава околу 1000 лумени светлина. Нејзиниот еквивалент по количина на емитувана светлина кај штедливите светилки (од истиот производител) е светилката од 18W. Што значи еден хелиостат може да замени по околу 50 од овие светилки, притоа овозможувајќи ви пристојна заштеда, со која хелиостатот станува инвестиција со навистина брз рок на поврат.
Иако на прв поглед изгледа сложено за ракување, од компанијата уверуваат дека за разлика од индустриските хелиостати, за нивните резиденцијални уреди нема потреба од програмирање или некои научни познавања. Компјутерот, серво моторите за движење и сензорите на светлина се сите вградени во системот. Нема потреба ни од батерии или кабел за напојување, бидејќи системот се напојува со сончева енергија преку вградени фотоволтаици. Сè што е потребно за инсталирање на уредот е обичен шрафцигер, клешти и осветлено ќоше од дворот.
Од Wikoda Inc. забележале дека луѓето кои купиле ваков систем не го користат само за осветлување на просториите, туку и за одгледување на растенија, топење снег од покривот, сушење на дрва, сушење на влажни ѕидови и сл.
Производот првенствено бил наменет само за американскиот пазар, но компанијата секојдневно добивала нарачки и од други места, па сега е достапен и во Австралија, Азија и поголемиот дел од европските земји. Засега може да се набави по цена од 400 долари.