Гостиварците Мартин Јосифовски и Мартин Филипоски освоија бронзен медал на Меѓународната олимпијада за обновлива енергија, инженерство и животна средина во САД.
Гостивар – Средношколците Мартин Јосифовски и Мартин Филипоски од гостиварскиот колеџ „Јахја Ќемал“ освоија бронзен медал на Меѓународната олимпијада за обновлива енергија, инженерство и животна средина што се одржа во Хјустон, Тексас (САД). Во конкуренција на 4.000 проекти доставени од околу 7.000 учесници од 100 држави во светот, проектот за добивање електрична енергија од дожд и град на младите гостиварски иноватори се најде меѓу трите првопласирани за кои се одлучила тричлената комисија која ги оценувала проектите. Средношколците од Гостивар теоретски докажале дека ударите на капките дожд и град можат да се претворат во електрична енергија. Во лабораторијата за експерименти во гостиварскиот колеџ тие успеале да добијат наизменична струја. Оваа иновација отвора нова страница во енергетиката.
„Во септември мината година почнавме да бараме идеја за проект со кој би можеле да учествуваме на Меѓународната олимпијада во Америка и да забележиме што подобар успех. За нас тоа претставуваше голем предизвик. Се одлучивме да истражуваме околу добивање обновлива енергија, па така дојдовме до идеја да ја искористиме енергијата што ја создаваат ударите при врнежите на дожд и град и да ги претвориме во електрична енергија“, вели Мартин Јосифовски.
„Постојано бевме окупирани со тоа како идејата да ја преточиме во стварност. Прво работевме на теоретскиот дел, а потоа и практично да докажеме дека тоа е возможно. Со денови и ноќи работевме на нашиот пронајдок и во тоа успеавме“, со задоволство зборува Мартин Филиповски, кој накратко и го објасни проектот.
Вели дека преку интернет откриле дека исклучиво во Америка има електричен материјал – пиезо, кој е многу чувствителен на допир. Го нарачале по електронска пошта, меѓутоа добиле одговор дека на ваков начин не можат да го достават во Македонија.
„Професор од нашиот колеџ ни помогна и материјалот беше испратен во Турција, а од таму ни го испратија во Гостивар. Во лабораторијата на нашиот колеџ изработивме макета на куќа со кос покрив на која ги поставивме плочките на пиезо со димензија 10 на 10 сантиметри и пуштивме вода. Експериментот беше успешен – лед-диодата светна со наизменична струја. Радоста беше голема“, објаснува Филиповски.
Неговиот соученик Јосифовски појасни дека на квадратен метар, во зависност од интензитетот на дождот, од 17 милиони капки можат да се добијат 2.000 киловат-часови електрична енергија, а од град се добива поголема количина.
„Пролетва добивме одговор од Меѓународната олимпијада дека проектот бил прифатен меѓу 400 проекти од 4.000 апликации. Организаторот не’ покани да учествуваме и да го браниме пронајдокот пред стручно жири. Но, тогаш почнаа нашите маки. На товар на организаторот беа трошоците за петдневниот престој во Хјустон, а превозот треба да си го обезбеди секој учесник. Се обративме до Министерството за образование и наука и до Агенцијата за млади и спорт, но од таму ни одговорија дека немаат средства за ваква намена. Помош побаравме од ЕВН, ЕЛЕМ, ’Т-мобиле’, но од овие компании се’ уште немаме добиено одговор. Така, авионските карти ги платија нашите родители и така ние заминавме на олимпијадата“, вели Мартин Јосифовски.
Автор: Киро Кипроски
Извор на текстот и сликата: Утрински весник