Погоните за експлоатација на соларна енергија во Сахара, и тоа во голем број, би требало во иднина да обезбедат големо количество електрична енергија за Европа. Тоа е визија на проектот „Дезертек“.
„Концептот ’Дезертек’ ги спојува најдобрите светски локации за користење на сончевата енергија, а тоа се пустините, и најдобрата светска технологија од најразвиените земји“, вели Герхард Книз, соосновач на фондацијата „Дезертек”, од кого потекнува идејата за производство на струја во пустината за потрошувачи кои се далеку.
„Развиените и земјите од пустинските предели на овој начин можат да се снабдуваат со огромно количество чиста енергија. Можеме да произведуваме стотина пати повеќе струја отколку што било кога ќе му биде потребна на човештвото“, вели Книз.
Сонцето во Сахара свети многу посилно отколку во Европа, затоа соларни електроцентрали во Северна Африка се значително поефикасни отколку во Централна Европа. Тие не се составени од соларни ќелии, какви што можат да се видат на покриви од куќи. Станува збор за соларно-термички електроцентрали, во кои големи огледала ја концентрираат сончевата енергија врз котел со вода. Пареата што се создава од загреаната вода ги придвижува турбините за производство на струја.
„Предност на овој метод е што овозможува соларната енергија, насобрана во текот на денот, да се сочува и ноќе како топлина. Така, соларна енергија може да се произведува и испорачува кога ќе е потребна”, објаснува Книз.
Од пустинската струја нема да профитира само Европа, која инвестира во овој проект, туку и Северна Африка. Во Мароко, Египет или Тунис ќе се создадат нови работни места, се надева Книз:
„Ние овде имаме технологија, но не и можности да ја примениме. Тие имаат можности, но не и технологија. Ако успееме тие држави да ги здружиме во заеднички проект, може да се постигне максимум во добивањето енергија, во развојот на Северна Африка и во заштита на климата.”
Дали Европа е сигурен партнер?
Но, некои од потенцијалните северноафрикански партнери се плашат дека Европа не е заинтересирана за рамноправно партнерство, туку само за струја и тоа колку е можно поевтина.
„Историјата не´ учи дека Европа си го зема она што и’ треба, без оглед дали другите го сакаат тоа или не”, вели Абделазиз Бенуна, поранешен генерален секретар на мароканскиот Центар за истражување и техника
„Прашање е дали Европа оди во насока кон партнерство и соработка? Тоа би можело да доведе до синергија за која можеме само да сонуваме. Се надевам дека ќе биде прифатено. Ние мораме, немаме друг избор.”
Сомничави во однос на проектот „Дезертек” има и во Европа. Тие сугерираат да се почека со проектот додека да се стабилизира политичката ситуација во Северна Африка, зафатена од безредија. Герхард Книз има сосема поинакво мислење:
„Со политичките промени во северноафриканските земји работава може да добие силен поттик. Досегашните влади таму беа пред се´ заинтересирани да ги обезбедат својата положба и моќ, а новите мора да се погрижат за разумни животни услови за населението, за што, пак, мора да бидат создадени нови работни места.“
„Дезертек” – двигател на демократските процеси во Африка
Токму затоа, сега би требало да се вложува во „Дезертек”, тоа би ја помогнало демократизацијата на северот на Африка, смета Абделазиз Бенуна.
„Полагам големи надежи во тоа дека демократска Европа во иднина ќе ги помага демократиите кај нас, а не како досега – диктаторите. Тогаш ќе постои добра основа за плодна соработка.”
Се´ уште не се знае кој и колку ќе треба да издвои за пустинските електроцентрали, инвестиција што ќе чини милијарди евра. Првиот чекор го направи Европската Унија, најавувајќи дека ќе вложи 30 милиони евра за пилот-постројки, кои веќе се градат во Египет и Мароко.
Автор: Франк Гротелишен / Светлана Брик
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска
Преземено од: Дојче Веле