Холандските научници дојдоа на идеја во градините со цвеќиња или зеленчук да се произведува и струја, а со неа да можат истите да бидат осветлени, пишува подгоричка „Побједа“. Можеби звучи неверојатно, но реализирањето на таа идеја и тоа како е можно.
На покривот на еден истражувачки институт при универзитетот во Вагенинген во Холандија во тек е необичен експеримент. Во две кади се сместени по 12 пластични канти со вода и кал во кои научниците одгледуваат различни растенија.
– Меѓутоа, растенијата немаат главна улога. Тука имаме растенија и бактерии кои работат заедно. Принципот е едноставен: растенијата со фотосинтеза произведуваат јаглерод и околу 40 отсто од таа органска материја ја транспортираат во почвата, каде што живеат многу микроорганизми – бактерии и габи. А што направивме ние – ние во почвата сместивме т.н. биолошка батерија. Тоа се две електроди во кои растат бактерии што можат да произведат електрицитет – изјави биохемичарот Давид Сирк.
Сирк користи откритие кое е старо 50 години. Сите живи организми при варењето, поточно при согорувањето на гликозата, произведуваат слаба струја. Поголемиот дел од таа слаба струја се користи за управување на процесите во сопственото тело. Меѓутоа, бактериите се ослободуваат од тој електрицитет, кој оди во воздухот и се спојува со кислородот. Во анаеробно опкружување, кога нема кислород, бактериите бараат други материјали за да се ослободат од непотребниот електрицитет.
Микропска батерија
Тоа пред неколку години го откриле германски научници во Грајфсвалд и направиле микропска батерија, скратено МФЦ. Бактериите во таквата батерија живеат во специјален хранлив супстрат во кој се поставени две електроди. Вишокот на електрицитет кој го произведуваат бактериите оди директно во негативниот пол – во анодата. Струјата тече. За оваа батерија, како и за секоја друга важи принципот дека од неа може да истекува само толку енергија колку што влегло во неа. Тоа значи дека за континуиран тек на струја потребно е континуирано да се хранат бактериите што ги прават билките, кои растат во супстрат и постојано создаваат гликоза.
– Тоа всушност е природна соларна клетка. Растенијата ја апсорбираат сончевата енергија и им ја даваат на бактериите, а бактериите произведуваат електрицитет. Овој процес се одвива и дење и ноќе. Минатата зима се појави проблем кога растенијата замрзнаа. Но, откако затопли, процесот продолжи – рече Сирк.
Во зависност од делот од денот, надворешната температура и видот на растенијата, се произведува различна количина на струја. По квадратен метар – 0,2 вати, а следните години може да биде и до 3 вати на истата површина.
Киловати од морски бранови
Еден од најновите извори на алтернативна енергија е всушност и еден од најстарите – силата на водата – но не која било, туку силата на морските бранови. Постојаното силно удирање на океанските бранови во ова време на годината им создаде идеја на инженерите што се занимаваат со енергијата на морето, таа енергија да се искористи како извор на струја.
Меѓутоа, тие објаснуваат дека водениците од претходните векови немаат никаква сличност со направите кои во 21 век ги користат океанските бранови.
Норвешката компанија „Енергија на брановите“, која истражува на пацифичкиот северозапад, на брегот на Орегон, предлага редизајнирање на браните на заливите, на влезовите на заливите, во нив да се вградат генератори за електрична енергија.
– Дизајнот е таков што коморите се отворени кон брановите што надоаѓаат. Кога брановите ќе удрат во тие заливски брани, водата ги полни коморите до крај, каде што се наоѓаат турбини. Всушност тоа е многу слично со хидроцентралите, само што низ нивните турбини водата поминува на другата страна – вели Стефани Торнтон, директорка на американската програма на оваа норвешка компанија.
Шкотската компанија „Аквамарин Пауер“ е една од странските компании, кои во тој дел на САД истражуваат опции. Нивниот проект се вика „Ојстер“. Тоа во основа е многу голем механички капак кој лежи на дното на морето, покрај брегот.
– Кога бранот ќе наиде, го притиснува капакот на „каменецот на клиповите“. Клиповите ја потиснуваат водата со силен притисок на брегот, каде што се наоѓа Пелтоново коло, една од најстарите турбини за производство на електрична енергија – го опишуваат „каменецот претставници на компанијата“.
Во конкуренција е и новата компанија од Салем од Орегон, М3 „Вејв енерџи системс“. Нејзината идеја се темели на притисокот на брановите додека преоѓаат преку перничиња исполнети со воздухот на дното на морето, а потоа се користи за вртење на роторот во електричната турбина. Иако американската и странските влади се многу заинтересирани за тој енергетски сектор и инвестираат многу пари во испитувањето на разни прототипови, останува отворено прашањето дали електричната струја создадена во океанот може да има пазарно исплатлива цена.
Преземено од: ДНЕВНИК