Од утре струјата поскапува за 3,47%, одлучи Регулаторната комисија за енергетика. Оваа цена ќе важи една година – од 1 јули 2014 до 1 јули 2015 година.
Новина ќе биде и тоа што ангажираната моќност од 33% ќе се прикажува како составен дел на цената на потрошената електрична енергија, а не како посебна ставка, како што беше случај до сега.
Согласно одлуката на регулаторите, крајната цена за домаќинствата со еднотарифно броило ќе биде 4,48 денари за киловат час, а кај оние со двотарифно броило киловатчас скапа ќе чини 5,59 денари, а евтината 2,80 денари.
Од Регулаторната комисија за енергетика, одлуката за поскапување ја образложуваат со извештаите за зголемени трошоци, што ги доставиле трите енергетски компании – ЕЛЕМ, МЕПСО и ЕВН.
Тиа покажале и поголеми трошоци за инвестиции, но регулаторите пресметале дека со ова поскапување ќе можат да си ги покријат трошоците и да имаат профитабилност.
Кај ЕЛЕМ зголемувањето се должи на вложувањата во новите рудници за јаглен, кај МЕПСО се покриваат зголемените трошоци за откуп на струја од обновливите извори, а кај ЕВН трошоците се должат на фактот што 220 компании излегоа на слободниот пазар и не учествуваат во покривање на дел од трошоците за тарифните потрошувачи, објасни првиот човек на Комисијата Димитар Петров.
Извор: Фактор