Истражувања на расположливите ресурси на биомаса како можен извор на енергија во Македонија и на можностите за искористување на истите се вршени уште во почетокот на 80-тите години. Во рамките на истражувањето “Производство на биогас во СРМ” [5] е даден преглед на отпадните согорливи материи во повеќе стопански организации на Македонија. Наведени се почетните домашни искуства од производството на биогас од сточарски фарми, испитан е составот на биогасот од првата постројка и дадени се одредени поважни карактеристики на оваа постројка.
Во поранешна Југославија, во 80-тите години од минатиот век е спроведено истражување под наслов “Биомасата како гориво – можности и ограничувања” под раководство на Институтот “Борис Кидрич” Винча (ИБК-ИТЕ-504, Винча, март 1985), во кое се разгледувани можностите за комплексно искористување на биомасата за производство на суровини, храна и енергија.
Главните резултати од истражувањата на полето на искористувањето на биомасата како енергетски извор на ниво на поранешна Југославија се сублимирани во публикацијата “Сагоревање биомасе у енергетске сврхе” – Н. Ниниќ, С. Ока, Југословенско друштво термичара, Научна књига, Београд, 1992.
Во 1998 год. помеѓу владите на Македонија и на Холандија е потпишан Меморандум за разбирање со цел за поттикнување на техничката и економската соработка. Како еден од првите чекори идентификувана е потребата од изработка на проект во чии рамки треба да се изврши анализа на состојбата во македонскиот земјоделски сектор, од што произлегува студијата “Agriculture Sector Study, Macedonia”, Senter, ПСО98/МА/1/3, Утрехт, Холандија, 1999 [9]. Иако основната цел на оваа студија е да се процени состојбата во која се наоѓа земјоделството во Македонија и да се дадат препораки за интензивирање на соработката помеѓу Македонија и Холандија во овој сектор во целина и во одделни потсектори, од резултатите може да се извлечат и заклучоци за состојбата со расположливата биомаса.
Во 2001 година од страна на холандската фирма Хасконинг е изработена студија за расположливоста на биомасата во Македонија “Biomass Availibility Study for Macedonia”, Feasibility study, Cо. HASKONING, The Netherlands, 2000 [14]. Целта на студијата била да се процени кои видови биомаса се застапени во Македонија, во кои сектори, во колкаво количество и по која цена.
Врз основа на претходни искуства и други извештаи и проекти, анализирани се три сектори: шумарство, преработка на дрво и земјоделство. Според резултатите од студијата, вкупното производство/искористување на дрвна маса за преработка и за греење во 1999 година изнесува околу 900000 м3. Во текот на обработката се продуцираат околу 14 % отпадоци од дрвна маса. Тоа значи дека годишната сеча во 1999 год. изнесувала околу 1050000 м3 и притоа се добиени околу 150000 м3 дрвени отпадоци. Со оглед на тоа дека оваа година била една од полошите во областа на шумарството, претходната проценка може условно да се смета како песимистичка.
Под претпоставка дека просечната густина на дрвната маса е 650 кг/м3, годишното количество отпадна биомаса од шумарството во Македонија изнесува околу 100000 т/год. Во иднина, со воведување на современи техники за сечење на шумите може да се очекува намалување на отпадоците на 7 %, што претставува количество од околу 75000 м3/год. Или околу 50000 т/год.
Според одредени експертски проценки, во Македонија се преработуваат околу 150000 м3 техничко дрво годишно, од што околу една третина (50000 м3) отпаѓа на големи преработувачи, а останатото на помали. При преработката кај поголемите преработувачки капацитети се добива околу 35 % отпадок, што значи дека се јавуваат околу 18000 м3 отпадна дрвна маса годишно. Најголемиот дел од тоа количество се користи во фабричките котларници за производство на технолошка пара за работниот процес и за затоплување. Вкупното количество отпадна биомаса од преработката на дрво се проценува на околу 70000 м3/год., што при просечна густина од 650 кг/м3 дава околу 45000 т/год.
Извор: УНДП Програма “Локално управување за Одржлив Човечки и Економски Развој”, Локални Агенции за Развој во Берово, Гевгелија и Струга, Илија Ј. Петровски, Ристо В. Филкоски, Скопје, јануари 2005 год.