Последните неколку години Министерството за економија доделува субвенции за купени сончеви колектори за топла санитарна вода. Вредноста на субвенцијата изнесува 30% од вредноста на купениот колектор но не повеќе од 300 евра. Последните две години субвенциите се доделуваат по принцип на лотарија – сите кој што аплицираа за субвенција влегуваат во „барабан“ и како што ќе речи барабанот така се доделуваат субвенциите.
Она што се поставува како прашање е дали оваа мерка е системска и дали е праведна?
Првин да видиме што е тоа субвенција?
Субвенциите претставуваат материјална помош која што се доделува од буџетот или од страна на други фондови, а се со цел да се поддржат оние делови на општеството/економијата кој што се од јавен интерес. Обично се субвенционираат земјоделците, здравствениот сектор, образовниот сектор, малото стопанство и слично.
Значи како што можеме да видиме субвенциите претежно доаѓаат од буџетот, буџетот кој што се полни од страна на секој граѓанин на Република Македонија како и од страна на македонското стопанство. Можеби се прашувате како секој граѓанин на Република Македонија го полни буџетот? Секој пат кога ќе пазарите во некој супермаркет вие ја плаќате и вредноста на ДДВ. Секој граѓанин плаќа данок на имот (поточно има обврска да го плаќа),секој граѓанин плаќа данок на приход (пак ова е обврска а прашање колку нив го избегнуваат), секоја компанија во Македонија има обврска да го плаќа данокот на добивка и други даноци и такси кој што го полнат буџетот.
Од оваа можеме да заклучиме дека и оние граѓани кој што немаат технички услови да постават сончеви колектори, кој што немаат економска причина да инвестираат во сончеви колектори, па и оние кој што немаат финансиска можност да инвестираат во сончеви колектори (стечајци, пензионери….) бесплатно ги финансираат оние кој што имаат пари и кој што сакаат да инвестираат во овие системи. Тука да не ги заборавиме и компаниите кој што не се опфатени со оваа субвенција.
Тука се поставува основно, логично прашање – Зошто некој си Сенад од Гостивар, кој што нема технички услови за поставување на сончеви колектори, кој што нема економска логика да ги постави и кој што е можеби и стечаец или пензионер, да ги финансира оние кој што имаат пари за пазарење на сончеви колектори? Оној кој што се одлучи да инвестира во овие системи веќе има пари, платежно се способни или пак кредитно се способни – тие имаат спремено 500-1000 евра за набавна на сончеви колектори. Зошто Сенад кој што прима минималец/пензија/социјална помош од 8000 денари (или помалку) дополнително да ги поддржи?
Исто така поставете се во кожа на бизнисмените – зошто нивните компании да ги финансираат трговците на сончеви колектори и оние компании кој што произведуваат сончеви колектори? Нели сите сме рамноправни на пазарот? Зошто овие компании да не добијат субвенции самите да си постават сончеви колектори доколку им се потребни? И уште еден дополнителен аргумент – зошто да ги финансираме производителите на сончеви колектори од Кина, Италија и од други држави, кој што ги пласираат своите колектори на македонскиот пазар?
Друго прашање кое што се поставува кај субвенциите е зошто да се субвенционираат сончевите колектори а не на пример фотоволтаичните панели за производство на елелктрична енергија, а не на пример набавка на ветерници, а не на пример мини биогас системи, а не на пример инвестирање во нова дограма или поставување на топлинска изолација? Зошто да не се субвенционираат оние системи кој што немаат голем поврат на инвестиција?
И трето прашање кое што се поставува е каков е ефектот на веќе доделените субвенции? Дали до сега е направена студија, анализа и слично, со која што се анализира ефектот на доделените субвенции? За колку се намали потрошувачката на електричната енергија? Каков вид на сончеви колектори се продадени? Дали се продадени сончеви колектори произведени во Македонија или се продадени оние од Кина – поточно каков ефект имаа на домашното стопанство?
Па ако субвенциите не се соодветен начин на финансирање на сончеви колектори, кој е друг начин кој што државата може да го понуди за да го поттикне користењето на сончевата енергија?
Државата веќе има поставено пониска ДДВ стапка за сончеви колектори во вредност од 5%. Што би уште можела да направи? Пред се можат да се намалат царините за оние репроматеријали кој што се користат за изработка на различни видови на сончеви колектори. Со оваа мерка, нашите производители на сончеви колектори за топла санитарна вода, ќе станат поконкурентни со странските производители. Друга работа се посебни кредитни линии кој што ја финансираат набавката на сончевите колектори. Па кој што е кредитно способен слободно нека аплицира. Според направените пресметки, самата заштеда која што ќе се добива со инсталирањето на сончевите колектори е доволна да се исплати кредитната рата. Трета работа се посебни ESCO модел на финансирање. “ESCO (компанијата) врши длабока анализа на имотот, дизајнира енергетски ефикасно решение, ги вградува потребните елементи и го одржува системот за време на периодот на враќање на инвестицијата, со цел обезбедување на енергетска заштеда. Остварените заштеди обично се користат за враќање на инвестицијата или за реинвестиција во градбата за обновувања кои инаку би биле скапи.”
Пред една година, на нашата Фејсбук страна, еден од трговците или производителите изјави дека ете сега конечно ќе тргни продажбата. Па зарем сите бизнисмени требаат да чекаат државата да почне со субвенции за да тргни продажбата? Што самите бизнисмени преземаат за да им тргне продажбата? Дали ги промовираат своите производи на соодветен начин или дали воопшто ги промовираат? Дали имаат соодветен маркетинг план, дали имаат соодветен производ и слично?
Според мене доколку веќе се издвојуваат пари во буџетот за субвенционирање на сончеви колектори, па подобро тие пари да се пренасочат во вистински јавен интерес – зошто не се постават сончеви колектори на покривите на болничките центри? Зошто тие пари кој што се издвојуваат за субвенции за сончеви колектори, не се пренасочат како инвестиција во подобра дограма на школските установи или пак во поквалитетни системи за греење?
Вака како што се делат субвенциите, истите ги добиваат оние граѓани кој што се во подобра финансиска состојба а ги финансираат оние кој што или немаат основ да инвестираат или пак се во финансиска полоша состојба.
Извор на сликата: https://endfossilfuelsubsidies.org/why/
2 Comments
Ловро
Аргументите што ги изнесовте ви дават за право да се укуне оваа субвенција, јас ја свќам субвенцијата повеќе како реклама повеќе како мотивација за вградуванје на сончеви колектори уште повеќе ако се земе во предвид дека не добиват сите што поднеле барање него како на лутрија кој добие кој не , бидејќи секоја година има се повеќе баратели отколку средства за поделба.
ismet emini
NE SAKAM DA KRITIKUVAM AMA SHTO NEMA VRSKA NEMA. jAS AKO KE ULUZHAM 2000 EVRA NEKOJ SO 500 EVRA NE PRAVENDI. NO VO NIKOJ SLLCAJ NE GI PODCENUVAM DRUDITE IAKO STAVILE TAKOV AMA JAS KAKO ULAGAC SO 2000 EVRA NE MOSHE ISTI DA SI ZIMAME — I PRASHANJE AKO E SO LOTARIJA TOGASH SE ZNAE KOJ KE GI LAPNE.