Северноамериканскиот меѓународен саем на автомобили, или попознат како Detroit Auto Show, од денес па до 22 јануари е отворен за посетители. И се чини како оваа година изложбата на нови автомобили да е тематска – скоро секој од најголемите производители може да се пофали со некој модел на „зелен“ автомобил. Пред 10-тина гоини имаше само неколку модели на хибридни автомобили во светот, но денес тоа како да прераснува во стандард.
Саемот во Детроит е првиот од најголемите саеми на автомобили за оваа година. Традицијата на претставување на храбри нови решенија продолжува како и на претходните големи саеми во 2011 г. во Фракфурт (линк), Минхен, Женева и Шангај. Иако и на овој саем има неколку концепти кои вреди да се забележат, во овој напис ќе се задржиме само на моделите кои се спремни или веќе се наоѓаат во производство, а кои привлекоа најголемо внимание од медиумите на претставувањето.
Mercedes E400 Hybrid и E300 Bluetec Hybrid
Германскиот гигант се претстави со два хибридни модела, и тоа за првпат со еден дизел-електричен хибрид, E300 Bluetec Hybrid. Првичните верзии на овој автомобил беа претставени уште на саемот во Женева во 2010 година, но одтогаш моделот претрпе неколку измени. Според производителот, седанот од Е-класа треба да има просечна потрошувачка од 4.2 l/100km, максимална брзина од 240km/h и забрзување од 0-100km/h за 7.5 секунди. Под хаубата има 4-цилиндричен мотор од 201 КС поддржан од електричен мотор со моќност од 27 КС, како и литиум-јонска батерија. Како и повеќето автомобили од поновата генерација, и E300 Bluetec Hybrid поседува стоп-старт и систем за регенеративно кочење, што дополнително придонесува за ниската потрошувачка на гориво.
Иако делува многу иновативно, дизел-електричниот хибрид е во основа дизел копија на бензин-електричниот хибрид Е400. Овој модел е придвижуван од 3.5 литарски V-6 мотор со седумстепен автоматски менувач, во спрега со 27 КС (20 kW) електричен мотор, со вртежен момент од 250 Nm. Забрзува од 0 до 100km/h за 6.7 секунди, со максимална брзина ограничена на 210 km/h.
BMW ActiveHybrid 3 и ActiveHybrid 5
Баварците во Детроит се претставија со веќе промовираниот ActiveHybrid 5, како и за првпат со хибриден модел од серијата 3. Новата хибридна „тројка“ ќе има 3-литарски 6-цилиндричен TwinPower турбомотор, потпомогнат од електричен мотор со моќност од 40kW (53 KS). Хибридната технологија е слична на онаа искористена кај ActiveHybrid 5. За зголемување на ефикасноста, литиум-јонската батерија се полни при кочење, кога електромоторот функционира како генератор кој ја полни батеријата. При забрзување, електромоторот му помага на бензинскиот мотор со дополнителна моќ. Вкупната моќност на овој автомобил е 335 КС со просечна потрошувачка од 6.4 l/100km.
Volkswagen Jetta Hybrid
Кога сме веќе кај Германците… И VW имаат свој „коњ за трка“ на пазарот за хибриди. Jetta Hybrid ќе биде придвижувана од 1.4-литарски турбо бензински мотор со моќност од 150 КС, комбиниран со електромотор со моќност од 20 kW (27 КС) кој самостојно ќе може да го придвижува автомобилот до брзина од 70 km/h. Комбинирата моќност на двата мотори се проценува на 170 КС, што овозможува забрзување од 0-100km/h за 9 секунди. Литиум-јонската батерија има капацитет од 1.1 kWh, доволно за автономија од околу 2km. Потрошувачката на гориво, во комбиниран режим на возење, се проценува на околу 5.2 l/100km.
Toyota Prius c
Се разбира, ниедна листа на хибридни автомобили не би била комплетна без најпродаваниот хибрид во светот. Новиот модел Prius c се очекува да има потрошувачка од 4.4 l/100km во градски услови, што би значело дека има најголема економија од кој било хибриден автомобил. Пократок од својот претходник за 48cm и полесен за 245kg, што му дава дополнителни маневарски способности во градски услови. Иако ја користи истата технологија како и поголемиот модел, кај Prius c цел систем е во помал размер, па така моторот наместо 1.8-литарски, тука е 1.5-литарски, а електромоторот наместо 60kW, тука е 45 kW, што дава вкупна моќност на системот од 99 КС.
Ford Fusion Hybrid
Ѕвезда на саемот е новиот Fusion Hybrid на американскиот производител, кој ќе биде единствениот модел на Форд достапен во чисто бензинска варијанта, хибриден модел или plug-in хибриден модел. Хибридниот седан ќе има 2-литарски 4-цилиндирчен мотор како и литиум-јонска батерија која ќе овозможува максимална брзина од 100km/h само од електромоторот. Просечната потрошувачка на хибридниот модел се проценува на 5 l/100km. За plug-in хибридот, познат и како Fusion Energi, сè уште нема доволно познати информации, но од Форд тврдат дека тоа ќе биде најекономичната кола од средна класа во светот, со просечна потрошувачка на гориво од 2.35 l/100km. Овој модел се очекува да се најде во продажба оваа есен.
Вреди да се споменат и други автомобили кои беа претставени на саемот во Детроит, од кои некои се концепти на кои допрва треба да се работи, а некои веќе оваа година ќе бидат пуштени во продажба, вклучувајќи ги VW E-Bugster, Ford Evos, Smart Forus, Volvo XC60 Plug-in Hybrid, Nissan e-NV200 и други. Внимание привлече и индискиот Tata eMO, кој, да си бидеме искрени, изгледа како вонбрачно дете на Smart и пијан Prius.