Екипите на ЕВН Македонија по направена проверка во трафостаницата 10/0.4 кВ „Рамина” во Велес откриле случај на кражба на бакарна шина за поврзување на нулата на трансформаторот. Случајот е пријавен и полицијата изврши увид на местото на настанот. Предизвикана е штета во енергетскиот објект и оштетување на апаратите кај дел од корисниците. Ова е петти случај на кражба на енергетска опрема од трафостаници во Велес за само две недели од кои 3 трафостаници се во сопственост на ЕВН Македонија, а две на ЈКП „Дервен”.
Со цел да се надмине ваквата појава потребно е да дејствуваат заеднички ЕВН Македонија, полицијата, локалната самоуправа и граѓаните. Од ЕВН апелираат да се пријави секаква сомнителна ситуација во близина на дистрибутивните трафостаници, а ЕВН веќе презема низа мерки за нивна заштита.
Се спроведуваат вонреден инспекциски преглед на сите трафостаници во градот, а во наредните денови ќе се спроведат и во поблиските околни населени места. Се осигуруваат отворените делови или деловите низ кој е можно насилно да влезат крадци.
Ќе се осветлува и просторот околу или на самиот приод на трафостаниците кои што се во темна зона односно каде што нема улична светилка во близина. Во наредниот период во градот ќе се вршат обиколки на трафостаници кои се на местата со поголем ризик со цел да се делува предупредувачки на лицата кои се обидуваат да извршат кражби.
Сите кражби се извршени на сличен начин: непознат сторител насилно влегува во трафостаницата низ отворот за вентилација во долниот дел од вратите за трафо просторот и расклопниот простор. Напонот во трафостаницата не е исклучен и сторителот работи под напон, што представува голема опасност и за животот на крадците и за околината воопшто. Цел на крадците се бакарните делови од трафостаниците кои на црниот пазар и не вредат многу за да се ризикува животот но постапката прaви огромни штети и на мрежата и на корисниците.
Извор на фотографијата: Репортер