Неколку стотини неистражени археолошки локалитети по долината на реката Вардар ќе бидат поплавени со проектот „Вардарска Долина“ кој предвидува изградба на 12 хидроцентрали до границата со Грција. Одговорните за заштита на културното наследство се децидни дека нема да дозволат проектот да почне ако претходно не се спроведат археолошки истражувања и евентуална дислокација на с` што ќе биде оценето како вредно културно наследство. До Управата за заштита на културното наследство с` уште пристигнало барање да утврдат кои археолошки локалитети, цркви и останати сегменти од културното наследство би биле загрозени со проектот.
– Барање с` уште не пристигнало, но законите мора да се почитуваат. Ќе бараме соодветен третман и пари за секоја интервенција. Законите се јасни. Пред да почне каква било градежна активност, мора да се утврди кои локалитети и споменици ќе бидат потопени, мора да се истражат тие локалитети, да се дислоцираат објектите. Без разлика колку време би одземала таа акција – вели Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство.
Проектот с` уште е далеку од конечната верзија, па тој не можеше во моментот да посочи на кои наоѓалишта и објекти ќе бидат неизбежни интервенции.
Истражувања на важните наоѓалишта
Проектот, кој како идеја постои неколку децении, предвидува изградба на 12 хидроцентрали скалесто распоредени по течението на Вардар. Две од нив ќе бидат поголеми, кај Башино Село, пред Велес и кај Удово, близу Валандово.
Идејата за „Вардарска Долина“ пред неколку дена, откако Владата потпиша Меморандум за разбирање со Кинеската меѓународна корпорација за води и електрична енергија и со Кинеската банка за развој. Во наредната една и пол година треба да се подготви физибилити-студија според која ќе биде изведен проектот. Неговата вредност се проценува на 1,5 милијарда евра, а се очекува да се спроведе за 12 до 15 години.
Според Петре Костов, директор на Народниот музеј во Велес, секогаш кога се планираат вакви големи проекти се обезбедува увид на теренот.
– Се истражуваат археолошките локалитети и се презентираат. Верувам дека кога ќе биде готов проектот, ќе добиеме известување. Во вакви случаи се работи на оние наоѓалишта што се оценети како поважни. Тие со помало значење се потопуваат. Така е секаде во светот – вели тој.
Се зависи од браните
Една од големите брани треба да биде изградена кај Башино Село. Костов претпоставува дека се мисли на сливот на Вардар кај Таорска Клисура. Тој вели дека тоа е карпест терен, каде што веројатно нема многу археолошки населби.
– Сепак, ако е нешто вредно, ако се утврди дека е важен објект или наоѓалиште од висока категорија, мора да се спаси – вели тој.
Археолози кои добро го познаваат теренот во Македонија велат дека по долината на Вардар има неколку стотици локалитети. Според нивни процени, за 12 години не може сите да се истражат. Кај Градец, на т.н. кота 113 има античка населба. По долината на Вардар има многу археолошки локалитети од разни периоди. Во минатото, луѓето често ги правеле населбите покрај реките. Сепак, с` зависи од локацијата на браните, велат археолозите.
Тие додаваат дека секаде во светот при градежни зафати, за заштитни археолошки ископувања се одделуваат 5 до 10 отсто од сумата кој се вложува. Ако се одвојат 5 отсто, за истражување на локалитетите по Вардарската Долина ќе има 75 милиони евра.
Заштитни ископувања не се новина во нашата земја. За време на изградбата на акумулацијата „Козјак“ беа дислоцирани селото Здуње, гробиштата и селската црква. Интервентни археолошки истражувања се спроведоа на Стоби за време на изградбата на автопатот и во многу други случаи.
Сепак, имало и примери на заобиколување на законите. Пред петнаесетина години во скопско Злокуќани беа изградени станбени објекти на земјиште кое припаѓало на античкиот град Скупи. Претходно земјиштето не беше археолошки истражено, па засекогаш беа уништени културните слоеви. За време на изградбата на автопатот кај Гевгелија пред повеќе од десет години беше отсечен и уништен дел од старомакедонскиот град Вардарски Рид.
Весна И. Илиевска
Преземено од: ДНЕВНИК