Минатата недела известивме за почетокот на изградба на првиот ветерен парк во Македонија. Да се потсетиме, се работи за ветерниот парк „Богданци“ со планирана инсталирана моќност од 50 мегавати.
Но покрај Богданци во Македонија постои уште неколку локации кој што можат да се искористат моќноста на ветерот. Во денешниот пост ќе направиме преглед на локации, на кој што можат да се изградат ветерни паркови.
Досега во Македонија се направени повеќе студии за одредување на најпогодни локации за градба на ВЕ, како и проценка на енергијата на ветрот на соодветните локации. Според студијата изработена на основа на сателитски снимки од AWSTruewind37, направен е атлас на енергетскиот потенцијал на ветрот во Македонија. Според направената студија, во Македонија се избрани 15 најповолни потенцијални локации за градба на ветерни централи.
Најголем дел на овие локации се лоцирани околу Повардарието, Овче Поле околу Свети Николе, како и повисоките планински делови каде има високи брзини на ветрот. Од овие 15 локации, само 3 се на надморска висина до 1000 метри, а останатите се лоцирани на планинските делови од земјата, од кои 6 локации се на надморска висина над 2000 метри, што секако не се поволни за градба на ветерни централи. За сите локации е претпоставена градба на ветерни централи со инсталирана моќност од околу 25 MW и со оперативен капацитет на работа или CF (Capacity factor) од 0,27 до 0,39.
За понатамошните истражувања на ветерната енергија избрани се четири локации на кои од 2006 година континуирано се вршат мерења на брзините на ветрот, насоката, како и други метеоролошки параметри. Во тек се подготовки за мерења на уште пет локации. Избраните локации каде се инсталирани мерни станици се:
- Ранавец (Богданци) на 472 мнв,
- Шашаварлија (Штип) на 857 мнв,
- Богословец (Свети Николе) на 733 мнв,
- Флора (Кожуф) на 1730 мнв.
Просечните брзини на разгледуваните локации за градба на ветерни паркови во Македонија изнесуваат од 6,7 m/s до 8,5 m/s, што според искуствата можат да бидат погодни за градба на ветерни централи. Се подразбира дека покрај брзината на ветерот, битна улога во изградба на ветерни централи има и конфигурација на теренот каде што се планира инвестирањето, сопственоста на локацијата, пристапот на локацијата (инфраструктура), пристап до мрежата и слично.
Реалните можности во Македонија е изградба на ветерни паркови на 6 најповолни локации во Македонија (прва група), со вкупна моќност од околу 150 MW до 180 MW што изнесува околу 10% од сегашната вкупно инсталирана моќност во ЕЕС на Македонија. Очекуваното годишно производство од овие 6 локации изнесува од 300 GWh до 360 GWh.
Прва група на приоритетни 6 локации:
Ред. бр. |
Име на локација |
Надморска висина |
Статус со мерни податоци |
1 |
Ранавец (Богданци) |
472 мнв |
има |
2 |
Шашаварлија (Штип) |
857 мнв |
има |
3 |
Богословец (Св. Никола) |
733 мнв |
има |
4 |
Флора (Кожуф) |
1730 мнв |
има |
5 |
Венец (Св. Никола) |
853 мнв |
нема |
6 |
Ерџелија (Св. Никола) |
– |
нема |
До 2020 година од ова прва група на приоритетни 6 локации може да се изградат ветерни паркови со вкупна инсталирана моќност од околу 180 MW и очекуваното годишно производство од околу 360 GWh. Втората група на потенцијални локации за градба на ВЕ се избрани од мапата на ветрови, а во заградата се местата означени на мапата.
Ред. бр. |
Име на локација |
Надморска висина |
Статус со мерни податоци |
1 |
Демир Капија |
641 мнв |
Нема |
2 |
Туртел Кочани |
1577 мнв |
Нема |
3 |
Демир Капија |
566 мнв |
Нема |
За ова група на локации нема никакви мерени вредности, за што треба да се инсталираат мерни станици, и да се добие очекувано производство. Меѓутоа, локациите се слични по конфигурација на локациите каде има мерени вредности или пак се наоѓаат во нивна близина, па затоа за очекување е дека и нивното производство би било во истите граници како и за мерените локации од првата група.
Секако дека овие потенцијални локации за изградба на ветерни паркови треба дополнително да се истражат од аспект на добивање на мерени вредности на ветрот, конфигурација на локациите, така што во декадата 2020-2030 се очекува динамиката и интензитетот на градба на ВЕ да продолжи. Вкупната инсталирана моќност до 2030 година се планира на околу 360 MW со очекуваното годишно производство од околу 720 GWh. За сите локации од првата и од втората група се потребни и додатни испитување на теренот, инфраструктурата на околината, можности за енергетска конекција со ЕЕС и др.
Извор: Стратегија за искористувањето на обновливите извори на енергија во Република Македонија до 2020 година, издадено од страна на Министерството за економија 2010 година.
One Comment
brane
sakam da si kupam veternica(agregat) za domasni potrebi ama neznam kolku e toa pametno se raboti za dracevo neznam kade da prasam na koja visina e najpovolno da se postavi