Една нова студија откри колку улогата на вештачките езера во глобалното затоплување е потценета, односно колкава количина на стакленички гасови се ослободуваат како што нивото на водата расте или опаѓа.
Во истражувањето на испарувањата од една вештачка акумулација, истражувачите откриле дека има неверојатна 20-кратно поголема количина на метан кога водостојот е на ниско ниво. Оваа количина на метан доаѓа од дното на акумулацијата, односно од тињата, во вид на меурчиња.
Улогата на езерата, реките и акумулациите честопати се занемарува при пресметувањето на емисијата на стакленички гасови. Најчесто во тие пресметки се земаат предвид емисиите од возилата, фабриките, термоцентралите и домовите. Но, вистината е дека има голема билошка активност позади браната. Имено, тука запира природниот тек на седиментот и живиот свет кој доаѓа заедно со водата од реката и се натрупува. Со распаѓањето на мртвите организми и органски материи доаѓа до собирање на големи количини на метан на самото дно од акумулацијата.
Како што опаѓа нивото на водата, дното се загрева заради поголемиот проток на сончева светлина. Покачената температура предизвикува испарување на метанот во вид на меурчиња кои преку водата доаѓаат до атмосферата. Ова е особено случај во лето, кога има ниско ниво на кислород во водата што претставува одлична околина за создавање на метан.
Неодамнешната студија била спроведена на езерото Лакамас во сојузната држава Вашингтон, САД, од страна на Бриџет Димер и Мариа Главин од Државниот универзитет во Вашингтон. Тие сакале да ја проверат деоријата дека езерата и акумулациите работат како впивачи на јаглерод диоксид. Но се покажало дека нивната способност за впивање на CO2 се намалува за четирипати кога нивото на вода опаѓа.
Според истражувачите, оваа студија ќе помогне во создавање на нови методи за управување со акумулациите, односно начинот на испуштање на водата од акумулацијата, посебно во топлите летни месеци. Нивната наредна цел е пронаоѓање на оптимален момент на испуштање на водата со што максимално би се искористил водениот потенцијал за производство на електрична енергија и довоснабдување, а притоа да се предизвика минимална емисија на стакленички гасови.