Пивара Скопје инвестира 2,5 милиони евра во иновативна Станица за биотретман на води, прва таква во земјата. Постројката треба да биде пуштена во работа оваа есен, а ќе придонесе за заштеда на вода и енергија неопходни за производствениот процес. Во тек се интензивните градежни работи кои се очекува да завршат оваа пролет, по што ќе почне инсталирањето на опремата. Според инвестициониот план, проектот треба да биде завршен до последниот квартал оваа година.
Тоа што го чини овој проект уникатен е фактот дека станува збор за иновативен биолошки третман на водата која останува за време на производните процеси, по што таа ќе може повторно да се користи како техничка вода, а гасовите кои ќе се ослободуваат за време на третманот ќе бидат искористени за производство на енергија. – Придобивките од овој проект ќе бидат повеќекратни. Со заштедата на вода и енергија се зголемува целокупната енергетска ефикасност на компанијата, но истовремено ја заштитуваме животната средина. И со оваа инвестиција Пивара Скопје уште еднаш покажува дека е општетствено одговорна компанија која континуирано инвестира во својот развој, истовремено водејќи сметка и за интересите на пошироката заедница – објаснува раководителот на проектот, Кирчо Стојанов, менаџер за производство во Пивара Скопје.
Преземено од: ВЕЧЕР