Електроавтомобилите се многу тивки и затоа можат да бидат проблем за луѓето во секојдневниот живот. Класичните мотори се многу гласни, но воедно се предупредувачки сигнал за пешаците, кои сакаат да ја преминат улицата.
Милиони луѓе страдаат од главниот проблем на модерните градови – сообраќајната врева. Според статистики на Сообраќајниот клуб на Германија, секоја година во Европа умираат околу 50.000 луѓе како задоцнета последица на бучавата. Затоа, голем број луѓе едвај чекаат на улиците да започне „електричната револуција“. Имено, електромоторите важат за многу тивки. Паскал Телер од Фраунхофер институтот за градежна физика во Штутгарт ја истражува акустиката на возилата. Сеедно дали се работи за мотори со согорување, хибрид или електромотори, Паскал Телер слуша многу внимателно кога се тестираат новите автомобили: „Општо електромоторите се многу тивки. Тие имаат релативно висока фреквенција на звукот, кога работат се слуша високофреквентен пискотлив звук. Исто така, има звуци што повремено ги има, па подоцна повторно исчезнуваат. За некој, кој досега слушал само мотори со внатрешно согорување, овие звуци се потполно невообичаен“, објаснува Паскал.
Eлектроавтомобилите се бешумни
Електроавтомобилите се опасни пред се’ за слепите лица
Професорот Волфганг Фокен предава техничка акустика на Западно-саксонскиот универзитет Цвикау: „Електроавтомобилите работат многу тивко. Особено при паркирање, запирање или поаѓање. Сите овие операции, што се извршуваат во подрачјето до 25 километри на час, се одвиваат речиси бесшумно“, вели Волфганг Фокен.
Меѓутоа, тоа може да има и негативни аспекти. Имено, повеќе здруженија на слепи луѓе велат дека тивките електроавтомобили можат да бидат опасни за слепите. Ова го потврдија и различни студии спроведени во Јапонија и САД. Затоа јапонските и американските автопроизводители се обидуваат да најдат решение за проблемот. Според нив, на тивките автомобили треба да им се вгради препознатлив звук кога работат. За таа цел јапонскиот производител на автомобили Тојота ангажираше дури специјален дизајнер за звук. Професорот Фокен во Цвикау сака систематски да го истражи вештачкиот звук на електроавтомобилите и експериментира со различни звуци и прави еден вид каталог на можни варијанти.
Вештачките звуци се идеално решение
„Ова што го слушате е мал ’нисан лиф’. Автомобилот можете да го купите со опцијата да произведува вештачки звуци, што се создаваат преку звучник вграден во моторот на автомобилот. Вештачките звуци може да се користат при поаѓање, возење во рикверц и паркирање. Значи во сите ситуации, кога автомобилот се движи помалку од 20 километри на час“, објаснува професорот Волфганг Фокен. Додека во САД и Јапонија се дефинираат минималните звуци на електроавтомобилите и се одредуваат со закон, во Европа се’ уште нема задолжителна обврска за звуците на автомобилите. Но, и Паскал Телер сериозно ги сфаќа безбедносните ризици за слепите луѓе. Тој веќе истражуваше и симулираше типични сообраќајни ситуации со слепи. Неговите сознанија покажуваат дека електроавтомобилите звучат многу поразлично од сите други. Меѓутоа, според него, електроавтомобилите не мора да се снабдат со вештачки звуци, доколку сите учесници во сообраќајот се придржуваат до неколку основни правила.
„Сметам дека кога се вози со многу бавно темпо, како при паркирање, доколку видите дека ви се приближува некое лице, тогаш едноставно сопрете го автомобилот.“ Професорот Фокен се специјализираше за автомобили со „тивок звук“. Според него електроавтомобилите на иднината треба да имаат добар звук и да се слушаат од далеку: „Не се работи за тоа да ги направиме автомобилите што потивки, туку да ги опремиме со звук што ќе задоволува одредени стандарди.“
Автор: Рихард Фукс / Бисера Огњановска Митров
Редактор: Трајче Тосев
Преземено од: Дојче Веле