На 24 април на Факултетот за електротехника и информациски технологии со почеток од 9h ќе се отвори втората студентска конференција “Енергетска ефикасност и одржлив развој” – 2014.
Енергетската ефикасност и одржливиот развој се две светски актуелни прашања на кои активно се работи и во Македонија и во светот. Идеата на оваа конференција е на едно место да ги обедини студентите, претставниците од академската средина и компаниите кои се занимаваат со проблематиката на енергетската ефикасност и одржливиот развој, за да се претстави работата на истите и да се овозможи научно-истражувачка работа во оваа област.
Конференцијата е наменета првенствено за студентите, бидејќи студентите не се охрабруваат често да земат учество на други научни конференции од оваа област. Целта е да се овозможи развој на научни вештини и компетенции за истражување на студентите, кои ќе придонесат за оформување на поквалитетни академски кадри во областите на енергетска ефикасност и одржлив развој.
Ние, како студенти и идни инженери, сметаме дека е наша одговорност, да превземеме соодветни мерки и постапки за да овозможиме одржлив развој во поблиска, но и подалечна иднина. Со цел да ги оствариме овие планови, потребни се знаења од овие области, кои сакаме да ги стекнеме. За да го направиме тоа потребно е подлабоко и посуштинско навлегување во областите кои се обработуваат на конференцијата преку извршување на научно истражувачка работа уште за време на нашите студии.