Кредитната линија на Европската банка за обнова и развој ќе се пласира преку Тутунска банка, со каматна стапка од 1,82 отсто, додека максималниот износ што една компанија може да го подигне е 2 милиона евра |
|
Кредитна линија од 4 милиони евра за инвестиции во енергетска ефикасност од вчера им е достапна на македонските компании што ќе бидат ослободени од 15 до 20 проценти од износот што го зеле. Во студијата за пазарната побарувачка за Западен Балкан, Македонија е идентификувана како земја што има голем потенцијал за подобрување на енергетската ефикасност, но нема доволен пристап до долгорочно финансирање. – Кредитната линија не е голема според износот, но е значајна бидејќи нуди низа поволности за корисниците. Компаниите што ќе го реализираат успешно проектот, на крајот ќе бидат ослободени од плаќање 15-20 отсто од износот што го зеле – вели Ѓорѓи Јанчевски, претседател на управниот одбор на НЛБ Тутунска банка. За директорот на ЕБОР ова е значајна кредитна линија за Македонија како земја што е увозно зависна од енергија. – Кога дојдов во Македонија се изненадив колку потенцијал има во секторите земјоделство и индустрија. Инвестирањето во енергетска ефикасност за компаниите е инвестиција во иднината – истакна Франсис Малиж, директор на ЕБОР. Според Јанчевски, во првите три месеци од годинава има пораст на кредитите за населението за три проценти и на компаниите за 0,9 отсто. За курсот на денарот тој смета дека е реален и пазарен, а не фиксен како што некој го нарекува. – За мене курсот на денарот е реален и пазарен. Доколку дојде друга ситуација, мислам дека нема сила да ги запре тие пазарни закони и да го направи фиксен курсот. Тоа е веројатно затоа што постои избалансираност на понудата и побарувачката и тоа го одржува курсот. Народната банка интервенира во ситуации кога се јавуваат тие шпекулативни моменти или недостиг од девизи кај банките. Ако 15 години Народната банка повеќе купува девизи од тоа што продава, тоа е одраз дека е пазарен курсот- смета Јанчевски. |
|
|
Преземено од: НОВА МАКЕДОНИЈА