Во време на финансиска и економска криза една од најтешките работи за некој кој е претприемач е да се одлучи да отвори нов бизнис. Прашањата кои се поставуваат се кој е тој бизнис кој би бил имун на рецесијата, што е тоа за што има постојана побарувачка, што е тоа што го нема или има недостаток за тоа во Македонија, што е тоа што се увезува најмногу во Македонија, а не се произведува доволно. Доколку не се сетивте досега одговорот е едноставен. Тоа е електрична енергија. Денес е возможно дури и помали претприемачи да се вклучат во тој бизнис и тоа без преголеми инвестиции како што сите мислат.
Накратко ќе ви биде презентиран еден едноставен пример за една мала ветерница која е приклучена на електрична мрежа и чија произведена електрична енергија се продава на државата по повластена цена. Пред да продолжам, она што сакам да напоменам е дека Македонија има одлични услови за изградба на ветерници и ветро паркови со повеќе од 20 потврдени локации каде мерењата покажале константен ветер преку целата година. Така што има доволно локации за изградба на поголеми ветерници, а камоли за една мала како што сакаме да презентираме во овој текст.
Се работи за една 10kw ветерница чија цена денес е некаде околку 35.000 евра (во цената е влезен генератор, столб, инвертер и инсталација на истата). Доколку претпоставиме дека преку целата година би имала некои 8.000 работни саати таа би произвела околу 70.000 kwh, кое помножено по повластена цена од 8,9 евро центи * kwh, тоа би било околу 7000 евра од продадена електрична енергија. Под овие услови инвестицијата би се вратила за околу 5 години, а додека наредните 15 би биле чиста заработка (ако се земе предвид дека една ветерница има работен век од 20 години). Исто така, доколку оваа инвестиција би се поврзала со некои од европските грант програми кои ја покриваат оваа област, има реални шанси за да се земе рефундација до 50% со што инвестицијата би се вратила за 2 до 3 години.
Најголеми недостатоци за еден ваков проект се администратините бариери во Македонија и преносот на земјиштето од земјоделско во градежно. Доколку овие бариери се надминат можностите се огромни за развој на еден ваков бизнис.
Предности се тоа што нема потреба од ангажирање на дополнителна работна сила од кога ќе се намести ветерницата. Може да бидат во фирмата вие и вашата ветерница која не зема плата или се жали за лоши работни услов или за промајата на нејзиното работно место. Единствено би било пожелно да имате контакт од некој стручен кој би правел мониторинг на ветерницата одвреме-навреме или при некои проблеми кои се ретки кај ветерниците.