Греење
Избор на системот за греење
Системот за греење е неизоставен дел од инсталациите во домаќинствата, а кој систем ќе го одберете зависи, се разбира, од енергенсите кои ги имате на располагање. Со цел да би ја добиле и одржале саканата собна температура и истовремено да користите обновливи извори на енергија, препорачливо е вградување на централно топловодно греење. Бидејќи цената на енергенсите постојано расте треба да ја разгледате можноста за користење на обновливи извори на енергија како што се сончеви колектори, биомаса или геотермални системи.
Трошоците за греење во најладните зимски денови преставуваат и до ¾ од трошоците за енергенси. Затоа, при купување не само што треба да купувате енергетски ефикасни електрични уреди туку истите треба и добро да ги одржувате.
Системите за греење можат да се поделат според употребениот енергенс, начинот на загревање како и според изведбата на грејните тела.
ПОДЕЛБА СПОРЕД ЕНЕРГЕНСОТ:
- Гасни
- На нафта за домаќинства
- Електрични
- На тврди горива
- Соларни
- На топлина од околината
ПОДЕЛБА СПОРЕД НАЧИНОТ НА ЗАГРЕВАЊЕ:
- Локални или поединечни
- Централни
ПОДЕЛБА СПОРЕД ИЗВЕДБАТА НА ГРЕЈНИТЕ ТЕЛА:
- Директни (камини, печки, грејалки…)
- Радијаторски (топловодни, парни, електрични)
- Конвекторски
- Вентилоконвекторски
- Површински (подни, ѕидни, тавански)
Фактори кои влијаат на изборот на системот за греење се временските услови (географска положба), положбата и типот на зградата, периодот поминат во зградата, расположливост на изворите на енергија, инвестициските трошоци, закони и прописи како и влијанието на околината.
Греење со сончеви колектори
Сончевите системи се користат и за догревање во веќе постоечките системи, посебно во преодните месеци во пролет и есен. Така добиената енергија може да донесе заштеда на 30% од енергенсите користени во системот за греење.
СОЛАРНО ГРЕЕЊЕ ЗА ПОДГОТОВКА НА ПОТРОШНА ТОПЛА ВОДА И ПОДДРШКА ЗА ГРЕЕЊЕ
Енергијата на сонцето во нашата земја се користи недоволно. Заштедите во вашето домаќинство би можеле да бидат значителни, посебно ако сончевата енергија ја користите за добивање на потрошна топла вода. На пример, за една семејна куќа од 150 m2 во која живее четиричлено семејство би било потребно да се вградат два вакуумски цевни колектори со вкупна површина од 3 m2. Освен коллекторите инсталацијата се состои и од експанзионен сад, резервоар за топла вода (на пр. 400 литри), систем за регулација како и цевковод. Сето ова навидум може да изгледа скапо, но денес цените на овие системи се значително паднати, така што целосен систем можете да добиете за помалку од 1000€. Исто така, поголемиот дел од уредите (освен регулаторот) можете да ги изработите сами од стари делови и без многу мака и трошоци (во некоја наредна прилика за тоа) па да заштедите дополнително.
Како помошен енергенс, кога од сончевата енергија не може да се добие доволно корисна топлина, во системот за греење и добивање потрошна топла вода може да се користи природен гас како еколошки прифатлив енергенс.
Во летните месеци може да се задоволат и до 100% од потребите за топла вода, додека во зимскиот период тоа би било до 50%, така што целокупната инвестиција се враќа за кратко време, посебно ако системот сте го изработиле самите.
Меѓутоа, треба да се очекува дека за време на работата на колекторскиот систем, кој може без проблем да работи 20 години, цената на струјата и на гасот ќе расте со што ќе се скрати и времето на амортизација. Кога би се воспоставила финансиска поддршка од државата (постоеја одредени акции претходните две години), тогаш времето на целосна отплата на системот не би изнесувала повеќе од 3 години.
(Продолжува)