Кога се зборува за заштеда на енергија или за енергетска ефикасност, најчесто примери се даваат за заштеди во куќа. Но што е со становите?
Официјално зградите се викаат објекти за колективно домување. Според тоа, секоја одлука за менување на систем за греење, нови светилки, па дури и некои потривијални работи, мора да биде донесена од колективот, односно од сите станари во зградата. Што би се рекло, не можете ни цвеќе да залиете без комшијата да ви мрчи :). Ова значи дека сте прилично ограничени во изборот за воведување на мерки за заштеда, доколку се одлучите само вие да ги правите.
Но, сепак има одредени работи кои можете да ги направите, а кои ќе ви донесат одредена заштеда во станот.
Прво нешто што треба да направите е процена на состојбата на вашиот дом. Тоа ќе ви даде увид во вкупната потрошувачка на струја, како и претстава за тоа кои мерки да ги преземете. При проценката можете да утврдите каде губите енергија, ефикасноста на вапите системи за ладење и греење, како и да ви покаже како можете да заштедите на загревање на водата.
Најочигледното и наједноставното место за започнување е осветлувањето. Купувајте енергетски ефикасни штедливи светилки или пак ЛЕД светилки. Јасно, поскапи се од обичните, но траат многу подолго а трошат многу помалку енергија. Се разбира, треба да водите сметка и за тоа да не стои светлото вклучено кога никој нема во собата. Исто така, погрижете се во станот да влегува што е можно повеќе дневна светлина. Доколку живеете на последниот кат или во поткровје, добар избор е да поставите кровни прозорци.
Електричните уреди кои ги користите најдобро е да бидат од висока енергетска класа (за енергетските класи и правилен избор на апарати тука и тука). Нивната цене ане е многу повисока од онаа на стандардните апарати за домаќинство, а трошат многу помалку електрична енергија. Електронските уреди (ТВ, компјутер…) кои се поставени на стенд-бај трошат значителна количина на енергија, и покрај тоа што мислиме дека сме ги исклучиле. За да го избегнете ова или целосно исклучувајте ги или набавете продолжен кабел со тајмер кој самиот се исклучува онака како што ќе го подесите.
Доколку живеете на на некој од пониските катови, кај загревањето на вода немате многу опции. Најмногу што можете да направите е да набавите квалитетен бојлер кој ефикасно ќе ја искористува електричната енергија и ќе ја задржува водата топла подолго време. Доколку сте на последниот кат или поткровје, најдобра опција ви е да поставите соларен колектор.
Најголемиот проблем во становите е, секако, греењето. Доколку вашата зграда има централно греење, во договор со соседите, добар избор е да набавите мини когенеративен систем. Когенеративните системи работат на гас, а произведуваат електрична и топлинска енергија и се доста ефикасни. Доколку немате централно греење, најмногу што можете да направите е да купите ефикасни електрични печки. Дополнителна заштеда би ви донела нова квалитетна дограма. Доколку сметате дека нема потреба од нова, можете да ја подновите старата со пополнување на пукнатините со силикон, како и со ставање на изолациони ленти.