Од 15 до 25 септември во Франкфурт ќе се одржи Меѓународниот автосаем кој се одржува на секоја втора година. Тоа е еден од најголемите саеми за автомобили во светот, заедно со оние во Женева, Шангај и Детроит.
Ова е одлична прилика да направиме еден осврт на тоа кој производител какви „зелени“ автомобили (електрични и хибридни) ќе претстави. Па да почнеме со домаќините, германските производители:
Smart
Кога се зборува за електрични автомобили, фер е да се почне од пионерите – Smart. Производителите на овој микроавтомобил се обидоа да отстранат некои од неговите недостатоци, посебно во делот на забрзувањето и ниската максимална брзина, како и малиот опсег и високата цена. Главни промени се новата батерија и електричниот погон. Со нив, максималната моќност на Smart ForTwo се издигнува на 74 коњски сили, за разлика од претходните 40. Забрзувањето од 0 – 100 km/h би требало да биде нешто побрзо од 13 секунди, а максималната брзина до 120 km/h. Новата 17.6 kWh батерија би требало да обезбеди опсег на движење до 135 km.
Од Smart ќе претстават уште еден модел, Smart ForVision, кој тешко дека ќе влезе во сериско производство, но според аналитичарите, за нив е битно да покажат дека автомобили можат да се прават и од полесни, пластични материјали.
Volkswagen
И Volkswagen се вклучува во трката за правење електрични автомобили. На саемот во Франкфурт ќе се претстават со моделот Nils, потполно електричен урбан едносед. Јасно, моделот ќе биде многу лесен, околу 500 kg. Дизајнот е прилично футуристички, со тркалата испакнати надвор од остатокот од каросеријата. Моторот е со номинална моќност од 20 КС, напојуван од батерија со капацитет од 5.3 kWh, која се полни за само 2 часа. И бидејќи е наменет само за урбано возење, Nils може да помине само околу 65 km со едно полнење на батеријата. Максималната врзина е нешто повеќе од 120 km/h, а од 0 – 100 km/h забрзува за 11 секунди.
Honda
Јапонскиот производител ќе се претстави со својот веќе познат модел Insight (главна слика), овојпат „нашминкан“ со неколку подобрувања: подобрена аеродинамика, намалено триење на моторот, подобрување на преносниот систем, како и на економичноста на климауредот.
Lexus
Филијалата на Тојота пред љубителите на автомобили ќе го претстави својот луксузен-спортски-хибриден седан, GS 450h. Планирано е моделот да биде достапен во продажба во 2013 година. Од Lexus засега не откриваат детали за моторот, но се претпоставува дека ќе биде нивниот моментален 450h 3.5 литарски V6 мотор, во комбинација со електричен мотор.
Peugeot
Францускиот гигант е еден од водечките во производство на хибриди, заработувајќи го своето место со произведувањето на првиот дизел хибрид, 3008 HYbrid4 кросовер. Во Франкфурт Peugeot ќе промовира два модела, повторно дизел хибрид. Едниот е караванот 508 RXH, базиран на седанот 508. Караванот ќе биде напојуван од 2 литарски дизел мотор во комбинација со електричен мотор. Според производителот, 508 RXH ќе има комбинирана просечна потрошувачка од 4.2 l/100 km. Се очекува да биде достапен во продажба во Европа напролет 2012 по цена од 39,600 €.
Вториот модел со кој ќе се претстават Французите е повеќенаменскиот HX1 концепт, исто така заснован на HYbrid4 технологијата. Во овој случај, електричниот мотор ќе ги придвижува задните тркала, додека 2,2 литарскиот турбодизел мотор ќе ги придвижува предните. Дизел моторот од 204 КС е поврзан со 6-степен автоматски менувач, додека електричниот мотор од 95 КС е директно поврзан на задната оска. Со тоа автомобилот вкупно добива солидни 299 КС. Во комбинирано возење потрошувачката на гориво е 3.22 l, но најдобрата работа е што HX1 има приклучок за градка мрежа за полнење на батеријата, со што добива 30 km автономија на возење со едно полнење.
Audi
Помалиот од баварските автомобилски гиганти во Фракфурт го исфрла својот електричен A2 концепт. Кај овој концепт од Audi дефинитивно посветиле многу внимание на светлата. Мислам на СИТЕ светла. За предните светла се користат LED кои произведуваат високоефикасен зрак од незаслепувачка светлина со висока резолуција. За задните светла се оди со диоди кои јачината на светлото ќе ја прилагодуваат на надворешните услови. Многу се погрижиле и за стоп светлата – јачината на светлината ќе се менува во зависност од тоа колку силно кочите.
Засега нема информации за моторот, но од Audi ветуваат голем опсег и високи перформанси.
BMW
Иако нема скоро никакви информации за нивните нови „чеда“, мојот фаворит, а сигурно и на многу други, се двата концепти на Баварците – i3 и i8. Компактниот i3 се планира да биде во продажба во 2013, додека спортската варијанта i8 е предвидена за 2014. Иако се водат како концепти, двата прототипа даваат одлични информации за тоа во која насока ќе се движат првите модели од i-серијата на BMW. Од она што е досега откриено, познато е само дека i8 ќе биде хибрид, а i3 потполно електричен автомобил.
Од другите производители, вреди да се споменат и рускиот Ё-Аvто, Ford Evos, Renault Frendzy и британскиот Eterniti Hemera. Интересно е што и Балканот како регион ќе има претставник во хрватскиот Rimac.