Природен монопол претставува најефтин начин да се задоволи вкупната побарувачка на пазарот за конкретно добро или услуга, најчесто преку активностите на една фирма. Таквата поставеност на природниот монопол е поради карактеристиките на уникатните суровини, технолошките капацитети и високата почетна цена за производство на едно добро или вршење на услугата. Од таа причина, доколку постојат повеќе фирми вршители на дејност на пазарот, сепак ќе опстане само една која ќе ги врши јавните услуги. Дејностите во сферата на јавниот транспорт и дистрибуција на електрична енергија и гас се карактеристични примери за природен монопол.
Начинот на кој една држава го регулира природниот монопол е од клучно значење за да се разбере генералната поставеност на правните прописи и целите на макроекономската политика. Имено, доколку регулативата која се однесува на природниот монопол нуди конкретни правни прописи и механизми за заштита на корисниците на јавните услуги и потрошувачите, а воедно не ја ограничува слободата за влез и излез на пазарот, тогаш станува збор за социјално ориентирани правни прописи и макроекономска политика која се стреми кон либерализација на пазарот во целина.
Од друга страна, ако прописите кои се однесуваат на природниот монопол се ориентирани кон заштита на интересите на институциите кои постојат на конкретниот пазар, без разлика дали станува збор за регулаторни тела или фирми – вршители на дејност, тогаш станува збор за затворен економски систем и правни прописи кои даваат основа за остварување на парцијални интереси на институциите. Во вториот случај, цената на јавните услуги не се формира зависно од движењата на пазарот, туку таа задача им е доверена на регулаторните тела. Оттаму, потрошувачите и корисниците на јавните услуги имаат ограничено право на избор и ограничена заштите на своите интереси.
За нормално функционирање на фирмите воопшто и во секојдневниот живот на потрошувачите е неизбежно користење на јавните услуги. Цената којашто се плаќа за користење на конкретните услуги влијае како на домашниот буџет, така и на профитот на една фирма, без разлика на дејноста со која што се занимава.
Од наведените причини, начинот на кој една држава го регулира природниот монопол „ја условува“ поставеноста на правните прописи и на економијата во целина.