Скопје, 04.06.2015 година, 12:00 часот- По повод Светскиот ден на животната средина 5 јуни, Еко-свест, Фронт 21/42 и партнерските организации повторно алармираа за здравствените влијанија на емисиите од двете термоцентрали на јаглен во Македонија – РЕК Битола и РЕК Осломеј.
Во врска со состојбите со загадувањето во Македонија направени се бројни студии, меѓу кои една од последните е студијата која Еко-свест ја објави кон крајот на 2014 година под наслов „Колку чини животот? Економска проценка на ефектите по човековото здравје и живот од македонските термоелектрани ”.
Иако веќе беше познато дека граѓаните постојано се жртви на загадувањето на воздухот од различни извори, прашањето за тоа кои се главните извори на загадување и колку загадувањето кое тие го произведуваат всушност ја чини Македонија главно остануваше без одговор. Одговорите кои ги дава гореспоменатата студијата се мошне загрижувачки – загадувањето од термоелектраните чини повеќе од 20 милиони евра годишно, а во смисол на заболувања и смртни случаи некои од најзагрижувачките податоци се дека:
“Секоја година РЕК Битола и РЕК Осломеј се виновни за 447 смртни случаи” и “Секоја година од загадувањето од РЕК Битола и РЕК Осломеј се појавуваат 60 нови случаи на бронхитис кај деца”.
„Некои од најзагрижувачките податоци од студијата ги поставивме на неколку човечки силуети кои е предвидено да се постават на видни места во релевантните институции. Вчерашната силуета ја предадовме на Институтот за јавно здравје, каде би сакале да ја симболизира заедничката заложба на оваа институција и на граѓанскиот сектор кој работи на прашања поврзани со животната средина за подигнување на свеста за нашето загрозено здравје и за подобрување на состојбите со загадувањето на воздухот“ – изјави Невена Смилевска, проектен координатор и активист за клима во Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест.
„Двете термоелектрични централи го загадуваат воздухот десет пати повеќе од максимално дозволената концентрација1“, изјави Александра Бујароска од граѓанската организација Фронт 21/42. „Надминување на граничните вредности има и за NO2. И покрај тоа што постапката за издавање еколошки дозволи и усогласувањето со најдобрите достапни техники за двете термоелектрани започна во 2007 година, процесот сериозно заостана. Иако рокот за усогласување заврши во април 2014 година РЕК Битола и РЕК Осломеј сеуште не поседуваат еколошка дозвола. Дополнително, двете термоелектрани сеуште не поседуваат план за намалување на емисиите ниту се дел од некаков Национален план за намалување на емисиите.“
Еко-свест, Фронт 21/42 и партнерските организации алармираат дека за да се осигури благосостојбата на македонските граѓани и нивните деца неопходно е итно да се преземат мерки за усогласување со директивите на Европската Унија.
Препораките за активности кои треба итно и неодложно да се преземат се: институциите сериозно да се заземат за доведување на термоелектраните во согласност со Директивата за индустриски емисии; ТЕЦ Осломеј да се ревитализира како што е предвидено, но по ревитализацијата да користи значително помалку загадувачки и јаглеродно интензивни енергенси; во ТЕЦ Битола да се инсталира десулфуризатор со динамиката предвидена од Енергетската Заедница – заклучно со крајот на 2017 година.