Во саботата (6ти октомври) Македонија имаше големо есенско чистење. Имено во организација на граѓанската асоцијација за чиста животна средина „Ајде Македонија„ реализирана е акција „Македонија без отпад„. Во таа насока разговараме со Антонио Јовановски претседателот на асоцијацијата „Ајде Македонија„.
Како што спомнавме, минатиот викенд беше организирано големо чистење на Македонија. Колку градови се вклучија во овој настан и кои се резултатите на чистењето?
Во акцијата со мото “активирај се не биди отпад!” беа вклучени 54 општини (+ Град Скопје) кои регистрираа 440 настани и вклучија над 55.000 граѓани. Првичните проценки се дека се отстранети над 60.000 кубни метри отпад, но информациите се уште се процесираат и официјалниот податок ќе го имаме наскоро.
Општо земено, задоволни сме од акцијата, а особено задоволство претставува тоа што акцијата поттикна активизам кај самите општини и граѓани за самоорганизирање и реализирање на активности поврзани со отпадот. Но сепак бројката на вклученост треба да е поголема, за споредба во Бугарија на нивната акција во Мај излегоа над 350.000 граѓани.
Што ќе се направи со соберениот отпад, поточно да ли ќе се складира на една „групна„ депонија или пак има простор за неговото рециклирање?
Хартијата и пластиката се рециклира, а останатиот отпад завршува на општинските депонии. Во некои случаи општините се договараа со постапувачи на електронски отпад за справување со таквиот вид на отпад.
Според Вашето мислење кои се најголемите проблеми и решенија во врска со собирањето на отпад во Македонија?
Свеста и чувството на одговорност кај граѓаните за отпадот кој го генерираат, од една страна и инфраструктурата и капацитетот на комуналните претпријатија од друга страна. Тие два елемента не можат да се гледаат одделно, бидејќи се меѓусебно тесно поврзани. Доколку му велиш на граѓанинот да селектира отпад, мораш да му обезбедиш услови (канти) за селектирање. Тука имаат улога и општините и граѓаните, но компаниите кои го генерираат тој отпад имаат најголема одговорност за да обезбедат систем кој е функционален и одржлив. Улогата на невладиниот сектор е да развива свест, едуцира, промовира, но најконкретните инфраструктурни инвестиции треба да бидат направени од приватниот и јавниот сектор.
Кои се наредните акции на граѓанската асоцијација „Ајде Македонија„?
Ајде Македонија продолжува со акциите за едукација и развивање на свеста околу отпадот. Секако најголем фокус ќе се стави на акцијата која ќе се спроведува следната година во 2013 година. РМ има голем предизвик со управувањето со отпадот и сите ние мораме одговорно да се однесуваме кон тоа прашање и да помогнеме во создавање на решенијата. Наша цел е оваа акција да биде ден кога сите граѓани на РМ ќе се вклучат во активности поврзани со отпадот и колективно ќе се развие свеста и чувството на одговорност.
Благодариме на интервјуто.