Во минатиот вторник (05/12/2011) во просториите на Стопанската комора се одржа работилница на тема: „Енергетска ефикасност и енергетско сертифицирање на згради“. Обуката беше организирана во соработка со партнерите од Стопанската комора на Македонија, Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување и Центарот за промоција на оддржливи земјоделски практики и рурален развој. Во таа насока зборуваме со Дејан Филипоски од Центарот за оддржливи земјоделски практики и рурален развој – ЦеПроСАРД.
- Дали можете да нѝ кажете нешто повеќе за работилницата која се одржa?
Работилницата беше наменета за претставници од сите претпријатија кои сакаат да имплементираат енергетска ефикасност во своите објекти, како и претпријатија кои нудат поддршка при имплементација на енергетска ефикасност и заштита на животна средина.
На работилницата следните теми беа опфатени:
- Европски директиви и законодавна регулатива поврзана со енергетска ефикасност на згради
- Енергетска ефикасност на згради, биоклиматски дизајн
- Ефикасни системи за греење, вентилација и климатизација
- Влијанието врз животната средина при изведба на енергетски ефикасни објекти и годишни емисии на CO2
- Опрема која се користи при изработка на енергетски прегледи
Работилницата имаше интерактивен карактер со практични и применливи информации.
- Факт е дека најголемите енергетски загуби се баш во резиденцијалниот сектор. Како да ги намалиме овие загуби кај постоечките згради?
Кога ќе се спомне енергетска ефикасност, скоро сите луѓе мислат само на изолација на објектот. Точно е дека има голема улога изолацијата, но малите и ситните делови (кои повеќето ги забораваат) прават многу голема разлика во потрошувачката (некогаш и до 20-30%). Постојат 3 начини за намалување на потрошувачката а задржување на комфорноста:
- Едноставни мерки за подобрување на ЕЕ без дополнителни трошоци (исклучување на осветлувањето во просториите кои не се користат; машините за перење и за садови да се вклучуваат само кога се полни; апаратите кои не се употребуваат да се исклучат од напојувањето во ѕидот; Компјутерот и мониторот да се исклучат кога не се користат; Да не се користат апарати за сушење на алишта и садови; Проветрувањето да е природно, во зима краткотрајно проветрување со широко отворени прозорци, а во лето во ноќните часови)
- Мерки кои подразбираат релативно мали трошоци и брз повраток на инвестицијата (Надворешната столарија – прозорци и врати треба добро да заптиваат, а оковот да е во исправна состојба; Соодветна изолација на постојните кровови и на таваните под простор/кат кој не се грее; Поставување завеси, ролетни и капаци за намалување на загубите на енергија преку прозорците; Вградување термостатички вентили на грејните тела; Редовна контрола и сервис на системот за греење и ладење; Поставување автоматска контрола и надзор на енергетиката на куќата; Употреба на штедливи светилки и светлечки тела; При избор на електрични уреди, да се внимава истите да се од највисока енергетска класа – А или А+ и повеќе)
- Мерки кои подразбираат поголема инвестиција за која секако е потребно и подолг период на враќање на инвестицијата (Замена на прозорците и надворешните врати со поквалитетни. Препорачан коефициент за прозорци U(k) е 1,1-1,8W/m2K или понизок; Топлинска изолација на обвивката на објектот (ѕидови, подови, кров, плочи и тавани кон простор кој не се загрева). Се препорачува изолацијата да се изведе од надворешната страна на обвивката; Изведба на ветробран на влезот во објектот; Санирање и ставање на оџаците во исправна состојба; Изолација на цевките за топла вода и на резервоарот; Инсталирање ЕЕ систем за греење и ладење или комбинација со систем кој користи ОИЕ)
- Спомнавме дека сте дел од НВО ЦеПроСАРД. Кажете нѝ повеќе за Вашата организација?
Здружението „Центар за промоција на одржливи земјоделски практики и рурален развој” или ЦеПроСАРД е воспоставено по иницијатива на група граѓани – експерти од областа на
земјоделството, руралниот развој, економијата и заштитата на животната средина и културното наследство на основа на споствените сознанија и искуство и согледаната неопходна потреба за интензивно дејствување на полето на воведување на одржливите практики во областа на земјоделството и руралниот развој.
Сепак „ЦеПроСАРД” се стреми кон постигнување на следните цели:
- подобрување на одржливоста во развојот на земјоделството и животната средина;
- поддршка на развојот на капацитети на институциите на централно и локално ниво;
- подигнување на свеста кај граѓаните за примена на одржливите практики во земјоделството и во руралниот развој;
- соодветно искористување на човековите и природните ресурси;
- подигнување на свеста на граѓаните за недостигот, потребите и начинот на штедење на енергијата, како и за искористување на енергијата како извор и нус производ од земјоделските практики;
- намалување на штетните емисии и загадувањето на воздухот, почвата и водите во РМ;
- поддршка за искористување на државните мерки и спроведување на мерките на Европската Унија за прилагодување и заштита на животната средина;
- заштита на културното наследство како неизоставен дел од одржливиот развој, во рамки на современите глобални трендови за заштита на животната средина и климатските промени
- Вие сте млада НВО, основани сте 2007 година, но колку што можев да забележам на Вашиот сајт имате доста реализирани проекти. Дали можете да нѝ кажете нешто повеќе за тие проекти?
Како што кажавте, имаме многу реализирани проекти (поголеми и помали во обем и буџет), сепак кон сите пристапуваме сериозно. Претежно сите проекти се поврзани со енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, земјоделство и рурален развој, животна средина, локален развој, културно наследство и претприемништво. Сите проекти имаат своја цел која најдобро ќе се разбере ако се прочита малце подетално (што може да се направи на нашата интернет страница www.ceprosard.org.mk)
- Покрај оваа работилница, дали имавте и други активност поврзани со областа на енергетската ефикасност?
Поголемиот дел од нашите активности се поврзани како со енергетска ефикасност, така и со обновливи извори на енергија и останатите подрачја на кои работиме. Сепак ние сме 11 луѓе кои делуваат и се развиваат во различни подрачја, па малку е тешко да се пратат сите активности. Јас сум во одделот за Обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност меѓутоа сме правеле и работилници поврзани со климатски промени, кои пак ги поврзуваме со енергетската ефикасност. Одржуваме и сме одржувале многу различни настани поврзани со енергетска ефикасност како обуки, работилници, работни состаноци, исто така имаме голема соработка со Агенцијата за Енергетика на РМ.
- Според Вас кои се најголемите пречки во Р. Македонија за забрзана имплементација на енергетската ефикасност?
За забрзана имплементација на енергетската ефикасност потребно е да го промениме нашиот балкански менталитет и размислување, па да пристапиме кон имплементација. Тука има голема улога и сеуште ниската цена на електричната енергија во РМ која нема да се задржи на ова ниво уште долго време. Исто така многу голема улога има и легислативата поврзана со енергетската ефикасност и нејзината имплементација која кај нас сеуште не е дефинирана доволно (или не е воопшто направена). Потребно е и да се информираат граѓаните за да им се докаже на некој начин дека постои и подобро, и дека се „расфрламе“ со нашата енергија беспотребно и да им се побјаснат начините со кои може да се промени таа ситуација (што овој блог го прави многу добро). Енергетската ефикасност не е некоја нова работа која ја измислиле последниве 10-15 години, туку постоела многу години наназад во нашите стари објекти каде стоката ја ставале под просторот за живеење со цел да го загрева, и правеле големи масивни градби со тогашните типови на изолации кои сега се исфрлени од употреба.
- За крај, кои се планови на организацијата за 2012 и се подразбира дали планирате активности поврзани со енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија?
Здружението работи и понатаму ќе се развива како невладина организација во правец на проширување на своето дејствување на целата територија на Република Македонија, притоа воспоставувајќи поблиска соработка со други невладини организации се до конечно формирање на мрежа на организации и промотивни станици во корист на примената на одржливите практики во земјоделстовото и во руралниот развој. Здружението ќе воспостави блиска соработка со локалната самоуправа и со централните институции, лобирајки за промоција и за остварување на својата мисија. Активности поврзани со енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија секако дека ќе има и во иднина, а информации за истите налесно ќе се добиваат од нашата веб страница.
Ви посакуваме успех во понатамошно работење!