Кинеската компанија Shenhua Group во наредните пет години ќе ја гради најголемата термоелектрична централа на јаглен во Азија, пренесуваат кинеските медиуми. Договорот за изградба на 8 GW термоцентрала беше потпишан во понеделникот од страна на претставници на локалните власти на автономниот регион Guangxi Zhuang и на најголемата компанија за јаглен во Кина, како резултат на сè поголемата потреба на енергија во земјата.
Идејата да се изгради нова термоцентрала на јаглен дошла после неколкуте последователни сушни години, при што драстично е опаднато производството на електрична енергија од хидроцентралите. Заради недостаток на енергија, во 17 провинции беа наметнати рестрикции во пторошувачката.
Централата треба да биде изградена во јужниот пристанишен град Beihai, кој има длабоки пристаништа кои ќе овозможат непречен дотур на јаглен дури и од рудници од други земји, како Индонезија и Австралија. За таа цел се планира и изградба на 4 нови длабоки докови, како и складиште со капацитет да прими 30 милиони тони јаглен годишно.
Кина има најбрзо растечка економија во светот, но исто така е и најголем загадувач, чија индустрија испушта најмногу стакленички гасови во атмосферата. Дури 80% од електричната енергија произведена во Кина, на која и индустријата на земјата се потпира, доаѓа од термоцентралите на јаглен. И покрај тоа, владата на Кина е решена до 2015 да ја намали емисијата на јаглерод диоксид за 17%.
Прашање е колку една ваква термоцентрала со осум генератори ќе придонесе во таа намера.