Во чекор со процесот на децентрализација, општините се појавуваат како нови актери на енергетската сцена. Според Законот за енергетика, тие се обврзани да донесат Програма за енергетска ефикасност која меѓу другото треба да ги оцени состојбите и потребите на енергија, да има индикативни цели за заштеда на енергија на локално ниво како и мерки за подобрување на енергетската ефикасност. Истиот закон наведува дека општините одлучуваат за започување на постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно-приватно партнерство за изградба на нов систем за дистрибуција на топлинска енергија, додека во случај на започнување на постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно-приватно партнерство за изградба на нов систем за дистрибуција на природен гас одлучува Владата по предлог меѓу другото и на општините. Освен тоа, според Законот за градење општините се надлежни за одобрување на централи со капацитет до 1 MW и секундарна гасоводна мрежа. Сето ова укажува дека општините имаат повеќе можности за проекти за подобрување на енергетската ефикасност, локални проекти за гасификација и проекти за подобрување на греењето. Сепак, општините со соочуваат со низа предизвици во подготовка на локалните проекти и програми, како што известува и Агенцијата за енергетика, во 2012 само 32 општини доставиле до Агенцијата Програма за енергетска ефикасност, од кои 12 добиле позитивно мислење.
И покрај предизвиците со кои се соочуваат, доколку се погледат изработените програми за енергетска ефикасност на пример на општините Битола, Чашка, Гевгелија, Велес, Кратово, Прилеп, Тетово, Штип, Ресен, Пласница и Центар, може да се забележи дека имаат ограничен број на проекти за обновливи извори или на проекти за искористување на природен гас за греење. Сепак, дел од добрите мерки кои ги содржат се зголемување на свеста, примена на сончеви колектори или подобрување на состојбата со технологијата за греење во јавните згради. Во програмите сепак доминираат проекти за подобрување на енергетската ефикасност во осветлувањето и во секторот згради особено во јавните згради на општините, што секако претставува добар почеток кон поголема енергетска ефикасност на општините.
Општините секако можат да бидат поамбициозни во своите програми и да планираат проекти како мерки за подобрување на енергетската ефикасност во домаќинствата, проекти за поширока примена на обновливите извори, мерки за подобрување на локалниот пазар на топлина како локални проекти за гасификација, градење мали когенеративни постројки и слично, за што секако им се потребни финансиски средства и стручно знаење. Локалните власти можат да ја потпишат Повелбата на градоначалници, европско движење кои вклучува локални и регионални власти кои на тој начин да се обврзуваат доброволно да ја зголемат енергетската ефикасност и употребата на обновливите извори на своја територија со цел да ја достигнат и надминат целта на ЕУ за 20% намалување на CO2 емисиите до 2020. До сега само градовите Скопје и Куманово ја имаат потпишано Повелбата. Добри примери од локални власти кои ја имаат потпишано Повелбата се проекти за еколошки возила, населби без емисии, промоција на велосипеди, проекти за обновлива енергија во резиденцијалниот сектор, поставување на цели за намалување на CO2 емисии од над 50% итн.
Позитивни примери за локална енергетска политика во Македонија се трите напредни проекти за гасификација во Карпош, Струмица и Куманово, кои за кратко време имаат покажано добри резултати во насока на заштеда на енергија и финансии. Доколку се анализираат трите проекти (состојба до февруари 2013), може да се заклучи дека временскиот период за нивна имплементација е краток (околу 3 години), но овој рок може да биде и подолг во случај на продолжување со градењето на локалната дистрибутивна мрежа. Целта на еден ваков проект е гасификација на целата општина при што прво се гасифицираат јавните згради, а на крај домаќинствата. Главни причини за локален проект за гасификација е подобрување на локалниот пазар на топлина, заштеда на финасии и енергија, заштита на животната средина и придонес кон локален економски развој. Клучно во иницирање на овие проекти се покажа волјата на градоначалниците покажувајќи со тоа пример на локално лидерство. Во однос на предусловите за имплементација на локален проект за гасификација важна е географската близина на постојната преносна гасоводна мрежа, но не е пресудна како што покажа проектот на Струмица која преку цистерни од Бугарија се снабдува со компресиран природен гас. Исплатливоста на еден ваков проект се гарантира со самиот природен гас кој е поефтин енергенс, иако зависи и од количините на продаден гас и бројот на корисници.
Во трите општини доминантен извор на финансии е буџетот на општината и истите се соочуваат со различни предизвици во имплементацијата, а и најчесто не добиваат поддршка од централната власт. Благодарение на овие проекти, почна да се гради гасоводната дистрибутивна мрежа и се зголеми искористеноста на капацитетот на системот за пренос на природен гас во Македонија кој изнесува 17% во 2012. Овие локални проекти за гасификација се важни бидејќи имаат потенцијал да го подобрат локалниот пазар на топлина, како и да придонесат кон имплементација на стратешките цели на државата да го зголеми искористувањето на природен гас. Исто така, овие локални проекти се и одговор на бавната имплементација на државните заложби за гасификација, а се иницирани и од потребата за справување со неефикасните и скапи начини на греење. За потсетување, државните планови за гасификација ја разгледуваат можноста за долгорочна гасификација на цела територија на државата до 2040, можноста за обезбедување на други испорачатели на природен гас и можноста за зголемување на капацитетот на магистралниот гасовод, но сите овие планови сепак на терен бавно се имплементираат.
Она на што треба да се фокусираат локалните енергетски политики е секако подобрување на состојбите со пазарот на топлина и намалување на потрошувачката на енергија во домаќинствата. Имено домаќинствата се сектор кој е втор најголем потрошувач на енергија, што значи дека има потенцијал за заштеда на енергија и кој во голема мера е засегнат од енергетска сиромаштија, дефинирана како состојба на несоодветно затоплен дом. Освен тоа, пазарот на топлина се одликува со неразвиено централно греење (10%) и останат дел на индивидуални форми на греење на дрво или на електрична енергија кои и најчесто се неефикасни. Поради отсуството на развиена дистрибутивна гасоводна мрежа скоро е невозможно греење на природен гас за домаќинствата. Во таа насока локалните проекти за гасификација се инвестиција во вистинска насока особено бидејќи планираат и опфаќање и на домаќинствата. Програмите за енергетска ефикасност се исто така добар почеток, но треба да вклучуваат повеќе проекти со целна група домаќинствата како и проекти за подобрување на греењето. Општините иако се соочуваат со низа предизвици во подготовка и имплементација на енергетски проекти на локално ниво, сепак располагаат со различни можности и како во случајот со проектите за гасификација, институционалната волја е пресудна за реализација на локални енергетски политики. Освен општините и
Владата треба да ги преземе сите можни мерки особено за поддршка на локалните проекти за гасификација како одобрување на нивните предлози за започнување на постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно-приватно партнерство за изградба на нов систем за дистрибуција на природен гас, овозможување пристап до финансиски средства и техничка помош. Општините кои размислуваат да започнат проект за гасификација треба да разменат искуства со општините кои ги имаат тековните проекти за гасификација, да ги проучат сите технички аспекти, изводливоста на ваков проект како и да склучат Меморандум за соработка со Владата за развој на систем за дистрибуција на природен гас со цел непречено одвивање на проектот за гасификација. Само со амбициозни мерки за енергетска ефикасност, мерки за заштеда на енергија насочени кон пазарот на топлина и домаќинствата како целна група, би се оствариле големи енергетски и финансиски заштеди, би се подобрила животната средина како и квалитетот на живот на локалното население и секако би се придонело кон остварување на државните заложби за зголемување на искористувањето на природниот гас, подобрување на енергетската ефикасност и оддржлив развој.