Пред извесно време една истражувачка компанија од Њу Хемпшир патентира ветерна турбина без елиси која е заснована на патент издаден на Никола Тесла уште во 1923 година. Турбината е наречена Фулерова ветерна турбина, а е развиена од Solar Aero. Посебноста на Фулеровата турбина е тоа што има само еден ротирачки дел, познат како турбинско вратило (осовина). Целата машинерија е ставена во куќиште. Ветерните турбини често се на мета на еколозите бидејќи убиваат птици или лилјаци, а произведуваат и шум кој им пречи на жителите кои живеат во близина.
Од индустријата за ветерници се обидуваат да најдат решение за овие проблеми соработувајќи со групите за заштита на околината, државни регулаторни тела и други заинтересирани страни. Тие се обидуваат да развијат метод за мерење и ублажување на ефектот на ветерниците врз птиците. Фулеровата ветерна турбина им дава надеж на љубителите на птици и еколозите.
Фулеровата турбина има неколку предности во споредба со традиционалните турбини со елиси. Таа има широк влез и излез за порток на воздух. Ако се доближите до нејзе, ќе забележите дека единствените видливи движења кои ги прави се само при насочување во насока на ветрот. Оваа турбина може да се користи и од воените институции, за набљудување и радарски инсталации, бидејќи не постојат елиси кои се движат и притоа да предизвикуваат потешкотии.
Уште една позитивна страна на оваа турбина е тоа што е евтина и ефикасна. Според производителот, се очекува турбината да испорачува моќност по вложени средства слични како за термоцентрала на јаглен. Уште повеќе, целосните оперативни трошоци за време на работниот век на турбината се очекува да бидат околу 0.12 $/kWh.
Од аспект на одржување, турбината не треба да задава никакви главоболки, со оглед на тоа што е без елиси, па трошоците за одржување во теко на работниот век ќе бидат пониски. Турбината главно се потпира на магнетни лежишта. Друга предност е што целата генераторска опрема се наоѓа на приземје што овозможува полесно одржување. Производителот излезе со процена дека крајните трошоци за Фулеровата ветерна турбина ќе претставуваат 2/3 од трошоците за соодветна турбина со елиси.
Моделот на Тесла од 1913 работи на принципот на проток на флуид (во случајот воздух) кој ја придвижува турбината, а тоа како резултат произведува енергија. Оваа турбина располага со множество од мазни дискови, опремени со распрскувачи, кои го испраќаат гасот кој се движи кон работ на дискот. Гасовите се тријат од дисковите следејќи го принципот на вискозност и триење на површинскиот слој. Како што гасот успорува и додава сила на дисковите, тој почнува брзо да ротира и да се движи кон централниот одвод. Треба да се внимава на просторот меѓу дисковите, бидејќи тие треба да бидат поставени доста блиску меѓу себе, со цел да можат да го заробат вискозниот тек. Теслината турбина има екстремно тенки дискови, за да се елиминира турбуленција на рабовите, а тоа ја прави многу ефективна. Во 1913 Тесла немаше можност да најде метал со соодветен квалитет кој би ја спроведил во пракса оваа негова идеја. Но, денес, скоро еден век подоцна, овие ограничувања се надминати.
Преземено од Alternative Energy