Што претставува биодизел и како се добива? Биодизел претставува вид на течно гориво кое се добива од растителни масла или од искористени масти или масла. Растенијата кои се користат за производство на биодизел се сончоглед, соја или маслодајната репка. Овој вид на гориво претставува обновлив вид на енергија бидејќи се произведува од растенија кои можат да се садат секоја година. Горивото има пониска енергетска вредност за разлика од дизелот добиен од нафтата, но во себе содржи поголема концентрација на кислород, што му овозможува поквалитетно согорување.
Класичните дизел мотори без поголеми тешкотии користат класичен дизел кој во себе содржи до 20% на биодизел. Но денес постојат нови генерации на дизел мотори кои без поголеми тешкотии го користат чистиот биодизел. ЕУ веќе од 2010 година користи 6% на биодизел во вкупната потрошувачка на течните горива, што за последица имаше 5 пати поголемо производство на растенија од кои се добива биодизел.
Но покрај погодностите што ги има биодизел во однос на класичниот дизел, тој поседува и одредени недостатоци. Така на пример, поради пониската pH вредност во однос на класичниот дизел, биодизелот има негативни влијанија на поедини пластични и гумени делови во автомобилот. Исто така, биодизелот има негативни влијанија и на дизел пумпата која служи за снабдување на горивото до дизел моторот. Тоа се случува кај постарите модели на дизел моторите кои не се сертифицирани за користење на биодизел.
На македонскиот пазар постои понуда на биодизел, но не како чист биодизел, туку како еко-дизел со учество на биодизел до 20% во класичниот дизел.