ЕБОР одобри заем од три милиони евра на македонската “Хидро енерџи груп“ од Скопје, локална компанија за обновлива енергија, за финансирање на изградбата на три мали хидроцентрали.
“Ни претставува задоволство да ја продолжиме поддршката на приватниот сектор за инвестиции во проекти за обновлива енергија со нашиот трет долгорочен заем во овој сектор,“ рече Елена Урумовска, Претставник на ЕБОР за Македонија.
Лоцирани во западниот дел од земјата на две реки, хидроцентралите ќе имаат вкупен капацитет од 3.73 мегавати и во просек ќе произведуваат околу 10гигават часови електрична енергија на годишно ниво.
Производствените капацитети на ХЕГ ќе бидат вклучени во македонската дистрибутивна мрежа, а компанијата ќе има договори за приоритетен откуп со МЕПСО како и посебна тарифна шема наменета за проекти за обновлива енергија
“Оваа инвестиција ја потврдува посветеноста на Банката кон програмата за концесија на мали хидроцентрали, ја потврдува комерцијалната одржливост на малите проекти за обновлива енергија и придонесува за решавање на се поголемата побарувачка на електрична енергија во Македонија”, истакна Урумовска.
Ова е трет заем на ЕБОР доделен на приватниот сектор во Македонија за инвестиции во енергетски капацитети обезбеден преку Директната кредитна линија за инвестиции во одржливи извори на енергија во Западен Балкан. Финансирањето на ЕБОР е поддржано со Директен договор потпишан со Министерот за економија.
Заемот на ЕБОР е дополнет со средства од техничка помош обезбедени од Фондот за Западен Балкан, Специјалниот фонд на акционери на ЕБОР и Норвешката влада.
Преземено од: НЕТПРЕС