Во последните неколку години во Македонија почнаа да се градат за јавноста непознати и за нив „егзотични“ објекти. Такви објекти во медиумите се појавија под различни имиња: нискоенергетски објекти, пасивни куќи, хибридни куќи, еколошки објекти итн. Овие термини буквално станаа синоними, но помеѓу нив постои голема разлика.
Она што е заедничко за сите овие објекти е дека трошат помалку енергија по еден метар квадратен за разлика од конвенционалните објекти. Основните разлики помеѓу овие објекти можете да ги видите на следниот графички приказ:
Во денешниот пост ќе пишуваме за пасивните куќи (PASSIVE HOUSE, ULTRA-LOW ENERGY HOUSE)
Самиот концепт на пасивните куќи е развиен од страна на Бо Адамс, професор на шведскиот универзитет Лунд и од страна на професорот Волфганг Фејст од германскиот Институт за домување и околина. Идејата се роди уште во 1988 година. Првата пасивната куќа е изградена веќе во 1990 година во германскиот град Дармштад. Пасивната куќа се покажа како одличен објект за станување, што резултира со новоизградени пасивни куќи во Германија. Во јуни 1996 година почна со работа и Институт за пасивна градба во Дармштад. Основната функција на институтот е да промовира и контролира стандард за изградба на пасивните куќи.
Што всушност претставува пасивната куќа? Пасивната куќа е максимално изолиран објект, која потребната топлинската енергија за греење ја добива од топлинските извори кои настануваат во самиот објект (топлината која настанува во кујната, топлината од апаратите за домаќинство итн.) и од страна на надворешни извори на топлинската енергија (сончева енергија, геотермална енергија, ветерна енергија итн.)
Самото име„пасивна куќа“ произлегува од фактот што за добивање на топлинската енергија директно не се користат фосилни горива. На таков начин се намалуваат трошоците на греење и дополнително се дава придонес кон заштитата на животната средина. Дополнителна заштеда во користењето на енергијата се добива со инсталирање на соларни колектори за топла вода или фотонапонски ќелии за искористување на соларната енергија.
Конкретно се намалува потрошувачка на фосилните горива, се намалува емисијата на негативни гасови, се намалува зависноста од фосилните горива итн.
Самата изградба на пасивната куќа е до 10-20% поскапа од изградба на класичните станбени објекти. Пасивната куќа може да биде класичен фамилијарен објект, повеќекатна зграда, деловна зграда или некој друг јавен објект – школа, градинка, црква, спортска сала…
Заштедите на енергијата во споредба со класичните згради одат и до 10 пати! Според хрватскиот сајт Пасивна куќа инвестицијата во пасивната куќа се враќа во период од 7-10 години.
Идната недела повеќе за нискоенергетски градби.