Заради бавен раст, ниска заработка и големи трошоци, Сименс АГ најави дека ќе го продава својот својот оддел за соларна енергија, како дел од поголема стратегија за реорганизација на целокупниот удел на компанијата во областа на обновливи извори на енергија. Според „Блумберг“, Сименс исто така планира да го напушти и проектот DESERTEC, здружен потфат на повеќе држави и компании за изградба на масивна мрежа на фотоволтаични централи во пустината Сахара.
-Заради променетите законски услови, нискиот раст и ценовниот притисок врз пазарот на соларни панели, очекувањата на компанијата во поглед на соларната енергија не се исполнија – се вели во изјавата на Сименс.
Сименс веќе е во преговори со потенцијални купувачи, а на почетокот на октомври објави план за организирање на оптимизирана инфраструктура преку намалување на трошоците и зајакнување на својот главен сектор. Но, компанијата останува посветена на развојот на технологиите за обновлива енергија, со тоа што во иднина ќе се фокусира на развојот на ветерната и хидронергетската технологија, кои досега се покажале како најпрофитабилни.
И покрај продавањето на својот оддел за соларна енергија, од Сименс уверуваат дека ќе продолжат со производство на производи за соларни термални и фотонапонски централи, што опфаќа генератори, парни турбини, системи за контрола и останата технологија. Тоа значи дека Сименс ќе продолжи со работа на соларна енергија сè додека не бидат продадени и овие секции на компанијата, а во меѓувреме ќе продолжи да ги снабдува со потребната опрема коминтентите со кои веќе има потпишано договори.
За аналитичарите од „Блумберг“, овој потег на Сименс бил очекуван и очигледен. Тие велат дека „соларниот пазар не претставува главно занимање и предизвик за Сименс. Растот на овој пазар е до таа мера опаднат што навистина нема некоја смисла да се остане активен на тоа поле“.