Денес започнува еден од најзначајните специјализирани саеми посветени на градежништвото – Меѓународниот саем на градежништво, градежни материјали и градежна механизација ќе трае до 9. март на Скопски саем.
По успешните изданија во 2011 и 2012, во рамките на Саемот на градежништво, во Метрополис Арена по третпат ќе се одржи и Саемот за недвижности и инвестиции RealExpo. Потенцијалните купувачи на недвижнини ќе можат да ги проследат градежните и инвеститорски компании “Адора” (понуда на енергетско ефикасни станови во Скопје, Охрид и Струмица), “Трим” (понуда на станови во Скопје и Охрид), “Настел” (голема понуда на станови во Скопје со поволна каматна стапка од 3,2% за купување на нов дом), како и понудите на “Импексл 2”, “Еуроактива” и “Курум Холдинг” со атрактивниот објект Гранд Престиж. Вкупната бројка на нови станови понудени на Саемот за недвижности и инвестиции е 1500. На самите штандови ќе се вршат промоции на нови објекти и ќе се промовираат поволните услови за купување на станови преку проектот КУПИ КУЌА, КУПИ СТАН.
“Саемот за градежништво и оваа година ќе понуди богата програма од градежната индустрија, а капацитетот е зголемен за 7% во однос на минатата година. Ќе се промовираат, нудат и продаваат производи и услуги за работа, одржување, модернизирање, реновирање и опремување објекти и имоти, а сето ова ќе привлече експерти од областа на градежната индустрија кои ќе дискутираат и склучуваат зделки во кои ќе ги вклучат и новите трендови во повеќе категории”, изјави оперативниот директор на Саемот за градежништво – Валентина Димитрова.
За времетраење на саемот ќе се одвиваат и бројни настани во Конгресниот центар на Скопски саем и на самите штандови на изложувачите. Посебен акцент ќе се стави на презентацијата на тема “Искористување на волната и текстилниот отпад во изработката на изолациони материјали за градежната индустрија”, која ќе се одржи на 06.03.2013 во Дипломатик сала, а е во организација на Агенцијата за енергетика на РМ и CeProSARD и Скопски саем. Проектот “Урбан Еко Експо 2013“ ќе има своја промоција во Метрополис Арена, каде секојдневно ќе се одвиваат презентации и промоции на тема “Зелена урбана палета“. Проектот е во соработка со Саемот на градежништво, Град Скопје и јавните претпријатија “Паркови и зеленило“, “Градски паркинг“, “Улици и патишта“, “Јавно сообраќајно претпријатие“, “Комунална хигиена“, “Водовод и канализација“ и “Дрисла“.
На овогодинешниот саем ќе се претстават 300 компании со разновидна програма од градежништвото како: градежни материјали, изолација, кровови, малтери, лепаци, бои и лакови, подови, лифтови, системи за обезбедување, плочки и санитарии, врати и прозори итн., во три изложбени хали.
Компаниите со програмата – градежна механизација ќе се претстават во надворешниот изложувачки простор.
Учеството на повеќе од 300 претставени компании како и на инвеститорите во рамките на RealExpo, ќе им овозможи на очекуваните 15.000 посетители, исклучителна можност за поефикасно планирање на своите градежни активности.