Во Владата на Србија постои решителност за изградба на каналот, зашто студијата за оправданост покажала дека е исплатлив. Македонија ќе го каже конечниот став откако ќе ги види резултатите од студијата
Се проценува дека должината на пловниот канал ќе биде околу 650 километри
Пловен канал Дунав – Морава – Вардар
Масовна експанзија на градежниот сектор и драстично намалување на транспортните трошоци може да очекува Македонија доколку се реализира идејата за пловно поврзување на Вардар со Морава и Дунав. Овој грандиозен проект веќе две години упорно го турка Србија, чии официјални претставници во повеќе наврати укажуваат дека почетокот на изградбата е извесна работа. Во Владата на Србија постои решителност за изградба на каналот, особено откако студијата за оправданост покажа дека инвестирањето во овој повеќе децении стар проект е исплатливо. Во македонската влада велат дека начелно ги поддржуваат сите големи регионални инфраструктурни проекти, но и дека дефинитивен став по прашањето дали Македонија би учествувала во реализацијата ќе има откако Владата ќе ги има на увид резултатите од студијата за оправданост.
Стопанствениците сметаат дека со реализацијата на овој огромен проект градежните компании би доживеале процут.
– Со изградбата на пловниот канал Дунав – Морава – Вардар ќе се отвори огромно поле за работа на сите фирми во градежниот сектор, па дури може да очекуваме и зголемување на нивниот број. Сепак, ова е огромен чекор, за кој се потребни многу пари, средства што тешко дека ќе се обезбедат. Се сомневам дека ќе се реализира, односно дека во наше време ќе се изгради, бидејќи не гледам од каде би се нашле пари – вели Мирче Чекреџи, заменик-претседател на Сојузот на стопанските комори.
Иако е скептичен дека проектот некогаш ќе се реализира, сепак Чекреџи посочува дека со изградба на каналот, Македонија ќе доживее преродба и драстично ќе се намалат цените на транспортот во земјава.
– Со изградба на каналот Македонија ќе се поврзе со две мориња. Преку Дунав со Црно Море, а преку Вардар со Егејско Море. Целата економија ќе почувствува придобивка, а особено значајно за компаниите ќе биде намалувањето на цените на транспортот, бидејќи бродскиот превоз е дури десет пати поевтин од другите – додава Чекреџи.
Србија ќе го турка проектот и сама
Српските владини претставници покажуваат најголем интерес за реализација на проектот и постојано ја актуализираат идејата за изградба на каналот. Неодамна од Министерството за природни ресурси, рударство и просторно планирање на Србија објавија дека има економска оправданост во изградбата на каналот, што било потврдено од кинеската компанија „Чајна гезуба корпорејшн“, која ја направила студијата за исплатливост. Српскиот министер за природни ресурси, рударство и просторно планирање Милан Бачевиќ во тамошните медиуми посочи дека и Македонија и Грција го чекале исходот од студијата и дека очекува македонската страна да ја повика кинеската компанија на разговори.
– Мојата улога во целата работа е да ја известам македонската страна за конкретните резултати од оваа студија и врз основа на она што тие го покажаа како желба и интерес да ги забрзаме разговорите – кажал Бачевиќ, додавајќи дека Србија не треба да зависи или да чека на одлуката на Македонија и на Грција.
Според најавите, следната недела на оваа тема министерот ќе разговара со компании во Кина. Тој во локалните медиуми пред заминувањето за Кина исто така додал дека и Македонија е подготвена да разговара на темата.
Се чека на студијата
Во македонската влада велат дека досега оваа материја не била разгледувана на седница.
– Вербално сме информирани за овој проект, при што последната информација беше дека е подготвена определена студија, која треба да ни биде испратена на разгледување. Кога студијата ќе ни биде испратена, таа ќе биде внимателно разгледана, ќе бидат анализирани сите параметри и во соодветна процедура би се изградил став по ова прашање – вели Александар Ѓорѓиев, портпаролот на Владата на Република Македонија.
Тој посочи дека ги поддржуваат сите големи проекти, како на домашен терен така и проекти што го опфаќаат целиот регион, како што е проектот за поврзување на Дунав, Морава и Вардар, бидејќи носат економска придобивка, но додаде дека за конкретен став е потребен целосен увид во документацијата.
– Во принцип, поддржуваме крупни проекти, и дома и регионално, бидејќи носат зголемување на економскиот пораст и нови вработувања. Сепак, додека не се разгледа студијата со сите аспекти и детали, не може ништо поконкретно да коментираме, бидејќи се потребни увид во целокупната слика и соодветна анализа на предизвиците и придобивките – додаде владиниот портпарол.
Според процените што ги објавуваат медиумите во Србија, изградбата на каналот Дунав – Морава – Вардар ќе чини меѓу 10 и 15 милијарди евра. Се проценува дека должината на пловниот канал ќе биде околу 650 километри.
Проектот треба да биде мултифункционален и, освен пловен систем, ќе опфаќа и изградба на пет-седум хидроцентрали, треба да обезбеди заштита од поплави и ерозија, да овозможи наводнување на земјоделско земјиште и квалитетно водоснабдување за населението, но и развој на туризмот.
Сепак, некои домашни експерти сметаат дека со изградба на пловниот канал ќе се поплават три населби во јужниот дел на Македонија, па можни се миграции. Раководителот на Катедрата за хидротехнички објекти на Градежниот факултет во Скопје, Љупчо Петковски, за српска „Политика“ изјави дека пред да донесе одлука за вклучување во проектот македонската влада треба сериозно да ги разгледа позитивните и негативните ефекти на овој мегапроект. Според него, ќе се променат хидрогеолошките услови во одредени региони, во гевгелиско-валандовскиот регион наводнувањето ќе треба да се замени со одводнување.
Автор: Петранка Талеска
Извор: Нова Македонија