Во Албанија се шири бранот протести против планот на македонските власти да изградат брани на реката Радика. Противниците на планот тврдат дека тоа ќе ја уништи животната околина
Албанија и Албанците ќе бидат оштетени за милиони евра од реализацијата на проектот Луково Поле, истакна лидерот на албанските екологисти Сазан Гури.
Веднаш потоа министерот за енергетика и животна средина на Албанија Дамиан Ѓикнури демантираше дека Албанија и Македонија имаат постигнато договор околу Проектот Луково Поле.
И албанскиот претседател Бујар Нишани со албанскиот министер за надворешни работи Дитмир Бушати разговараа за проектот за реката Радика. Нишани, според албанските медиуми, предложил Тирана да донесе нов документ за национална безбедност во кој ќе се третираат и проблемите со меѓународните води со соседите.
Поранешниот премиер на Албанија, Сали Бериша, соопшти дека владите на Албанија и Македонија имаат разговарано и имаат постигнато договор околу проектот за реката Радика и го обвини актуелниот премиер, Еди Рама, дека не ја кажува вистината.
Со проектот за реката Радика се предвидува да се смени текот на реката и наместо во Црн Дрим таа ќе се влева во Вардар, а од тоа како што наведува Бериша би настанале огромни штети и за Дебар и за Албанија.
„Проектот Луково поле ќе ја уништи флората и фауната, па затоа овој проблем треба да се решава според меѓународните норми за води“, истакнува Бериша и додава дека ги разбира напорите на Македонија за производство на електрична енергија, но штетите од проектот би биле големи.
„Ги повикувам властите на Македонија да се откажат од проектот“, порача Бериша. Според него изјавата на премиерот Рама е само дел од неговата платформа која предвидува со соседите секогаш проблемите да се еднакви на нула.
Извор: DW