Сименс лансира нова апликација за паметни телефони со која корисниците ќе можат да ги следат своите емисии на јаглерод диоксид.
Според Сименс, нивниот Environmental Impact Calculator може да го користат инженери и менаџери на установи за управување со основниот јаглероден отпечаток кој е резултат на потрошувачката на електрична енергија, природен гас или масло за греење.
Освен ова, на корисниците ќе им биде овозможено да го измерат на годишно ниво влијанието на мерките за енергетска ефикасност кои би ги вовеле во нивната установа, но истото ќе биде возможно да се стори за кој било временски рок кој ќе биде наведен во апликацијата од страна на корисникот.
-Претставувањето со бројки на уделот на потрошувачката на енергија, како и на мерките за заштеда на енергија, во поглед на емисија на стакленички гасови е најлесниот начин да се измери нечие влијание врз околината – вели Ари Коб, директор за одржливост и зелени градби во Сименс.
Од Сименс истакнуваат дека алатката им нуди на корисниците начин како лесно да создадат едноставен карбонски отпечаток за зградите, да ја измерат заштедата во емисии на CO2 и лесно претворање на тие информации во разбирливи бројки. Така лесно можат податоците за енергетската потрошувачка на зградите да се претворат во релевантни и опипливи податоци, како на пример бројот на возила кои би се намалиле по патиштата, бројот на хектари шума што апсорбира CO2 и количина на потрошена нафта.
Според Сименс, резултатите добиени на овој начин може да се искористат за определување на стратегиите за намалување на емисијата на стакленички гасови, да се одредат цели за намалување на потрошувачката на енергија и горива како и полесно справување со влијанието на градбите врз околината.
Засега апликацијата голема 6.5 MB е компатибилна само со уредите на Apple, односно iPhone, iPod touch и iPad кои работат на iOS 4.0 оперативен систем и може бесплатно да се преземе од Apple App Store, но од Сименс најавуваат и верзија компатибилна со Android оперативниот систем за паметни телефони.