Постојаниот комитет на Бернската Конвенција бара суспензија на сите владини инфраструктурни проекти во НП Маврово, особено на предвидените хидроенергетски проекти Бошков Мост и Луково Поле.
Минатата недела во Советот на Европа се одржа состанок на Постојаниот Комитет на Конвенцијата за заштита на европскиот жив свет и природните живеалишта (Бернската Конвенција) на кој беше разгледан случајот за Националниот парк „Маврово“. Случајот беше отворен во 2014 година од страна на Комитетот поради постоење основано сомнение дека Македонија ги прекршува одредбите на Конвенција со носењето на одлука за спроведување над 22 хидроелектрани во рамки на паркот. Тогаш Постојаниот Комитет одлучи делегација на независни експерти и набљудувачи да спроведат истрага со цел да се утврди степенот на закана за биодиверзитетот од планираните хидроенергетски проекти. Оваа истрага беше спроведена во јуни оваа година, а заклучокот од истиот e дека „Планираните хидроцентралите во НП Маврово не се компатибилни со статусот на заштита на паркот и вредните екосистеми и видови и како такви истите треба да бидат напуштени“. Извештајот дополнително ја потенцираше исклучителната вредност на „Маврово“ за балканскиот рис, критично загрозен подвид на евроазискиот рис, од кој се останати помалку од 40 единки. „Балканскиот рис од неодамна и официјално е запишан на Светската црвена листа на Меѓународната унија за заштита на природата, а „Маврово“ и неговата поблиска околина се наведени како единствено подрачје во кое тој сè уште се размножува“ – потенцираа од Македонското Еколошко Друштво.
Заклучокот на независните експерти беше остро негиран од страна на делегацијата на Владата на Македонија за време на состанокот, и покрај тоа што преку Министерството за животна средина и просторно планирање, А.Д. ЕЛЕМ и најмените експерти, директно учествуваше во набљудувачката мисија.
Усвоената препорака на состанокот минатата недела бара „Сите владини проекти во рамки на територијата на НП Маврово да бидат суспендирани сѐ додека не се подготви Стратешка оцена за влијанието врз животната средина, ставајќи посебен акцент на кумулативните ефекти на сите планирани инфраструктурни проекти и активности на територија на паркот, како и долгорочните ефекти на водните режими на реките Дрим и Вардар“. Дополнително, во рамки на оцената, Македонија треба да одговори на специфичните потреби за зачувување на видовите за кои Националниот парк Маврово носи посебна одговорност, вклучувајќи ги видовите и живеалиштата за кои ова подрачје е номинирано за Емералд подрачје и истите да ги земе предвид при носење на Планот за управување со подрачјето. Усвоените препораки се резултат на жестока дебата во Советот на Европа и се дипломатска модификација на оригинално предложените, многу поостри препораки.
„Имајќи предвид дека Македонија ја има ратификувано оваа конвенција во 1997 година, усвоените препораки се задолжителни. Согласно Уставот на РМ, меѓународните договори се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закони и владини одлуки. Доколку постои непочитување на истите, тоа претставува прекршување на меѓународниот правен поредок.“ – изјави Александра Бујароска од Фронт 21/42.
Комитетот усвои и посебна препорака за ЕБОР и Светска Банка повикувајќи ги „меѓународните финансиски институции да ги земат предвид резултатите од Стратешката оцена за влијание врз животната средина пред одлучувањето за финансирање на хидроенергетски проекти во Паркот“, вели Ана Чоловиќ Лешоска од Еко- свест. Препораката кон Македонија да ги суспендира проектите треба да биде доволен сигнал за банките да се повлечат од контроверзните проекти, бидејќи стратешката оцена не се очекува да даде спротивен став за нивното влијание.
Линк до експертскиот извештај:
httpss://wcd.coe.int/com.instranet.InstraServlet?command=com.instranet.CmdBlobGet&InstranetImage=2830330&SecMode=1&DocId=23227
22&Usage=2
Линк до извештајот на набљудувачката мисија:
httpss://wcd.coe.int/com.instranet.InstraServlet?command=com.instranet.CmdBlobGet&InstranetImage=2830720&SecMode=1&DocId=23227
58&Usage=2
Линк до нацрт препораките на Бернската Конвенција:
httpss://wcd.coe.int/com.instranet.InstraServlet?command=com.instranet.CmdBlobGet&InstranetImage=2828845&SecMode=1&DocId=23216
82&Usage=2
Линк до усвоените препораки на 35тиот состанок на Бернска Конвенција:
httpss://wcd.coe.int/com.instranet.InstraServlet?command=com.instranet.CmdBlobGet&InstranetImage=2857393&SecMode=1&DocId=23390
82&Usage=2
* Борбата за „Маврово“ трае уште од 2011 година, кога повеќе еколошки организации од Македонија посочија дека предлог-планот за управување со Националниот парк „Маврово“ е скроен за да се обезбеди место за енергетските проекти, а не за зачувување на природата и функционирањето на екосистемите, заради што се прогласуваат националните паркови. Од тогаш, за „Маврово“ се покренати повеќе жалби и тужби, Европската банка за обнова и развој беше фатена дека ги крши сопствените процедури со одобрувањето на кредитот за „Бошков мост“, а ЕЛЕМ и Светската банка повеќе од две години не ја презентираат Студијата за оценка на влијанието врз животната средина за проектот „Луково Поле“. Повеќе месни заедници и општина Дебар остро се противат на реализирањето на проектите. Меѓународната униј а за заштита на природата, во која учествуваат околу 200 владини, 1000 невладини организации и околу 6000 експерти, со огромно мнозинство на гласови во 2012 година усвои резолуција за заштита на Националниот парк „Маврово“.