Поимот биогориво е тешко да се дефинира зашто обичните фосилни горива што ги користиме на некој начин се исто, биогориво. Но може слободно да се каже дека биогоривото не ја загадува околината, односно дека е „CO2 неутрално“. Истражувачите од Универзитетот Томас Џеферсон развија нов метод за зголемување на количеството на масло во лисјата од тутун, со што маслото од нив може да се користи како биогориво.
За Македонија ова е добра вест, ако се има предвид долгата традиција на одгледување на тутун кај нас и редовните проблеми со неговиот откуп. Вјачеслав Адријанов, асистент и истражувач на универзитетот, вели дека од тутунот може да се произведува биогориво поефикасно отколку од другите земјоделски култури. Но има еден недостаток – најголемиот дел од маслото се наоѓа во семето на тутунот.
Всушност, семето содржи и до 40% масло кога е суво. Уште еден недостаток е што стеблата тутун не даваат многу семе, во просек околу 1500 kg по хектар. Д-р. Адрианов и неговите колеги си поставија за цел да најдат начин како да добијат тутун со поголеми количини масло во лисјата. Обично лисјата тутун содржат од 1.7 до 4 % масло. Истражувачите модифицираа два гени од растенијата наречени DGAT и LEC2, при што еден од гените е пренагласен кај растенијата.
Промената со DGAT генот доведе до производство на 5.8 % масло во лисјата, што е двојно повеќе од обичното производство. Со промена на LEC2 генот се добија неверојатни 6.8 % масло. Според д-р. Адрианов, тутунот е доста згоден за биогориво бидејќи е растение што не се користи за исхрана. „Пронајдовме начин генетски да ги модифицираме расенијата така што нивните лисја даваат повеќе масло. Во некои случаи, модифицираните растенија даваа и по 20 пати повеќе масло од лисјата“. Според овие податоци, тутунот претставува одлично „енергетско растение“, а може да послужи и како модел за искористување и на други култури за производство на биогориво.