Изминатите неколку недели граѓанската иницијатива АМАН започна да протесира против зголемените цени на енергенсите. Тие го насочија своето незадоволство кон Регулаторната комисија за енергетика, регулаторното тело на македонскиот енергетски пазар и успеаја да регрутираат поголема маса незадоволни граѓани. Некои од нивните главни барања беа намалување на цените на електричната енергија и топлината. Бидејќи оваа граѓанска иницијатива ги одразува погледите на поширока група граѓани и бидејќи социјалните проблеми произлезени како резултат на реформите на енергетскиот пазар се поактутни од кога и да е, важно е да се објаснат причините за сегашната енергетска ситуација и да се претстават можните решенија.
Прво, зошто цената на електричната енергија расте и зошто треба да расте? Регулаторната комисија за енергетика ја одредува цената на електричната енергија врз основа на соодветната секундарна легислатива. Останато како наследство од претходниот систем, цената на електричната енергија во државава се субвенционира. Но, со цел да има инвестиции во енергетскиот сектор, цената на електричната енергија треба да ги одразува реалните трошоци, што се уште не е случај во државата. Исто така, со потпишување на Договорот за основање на енергетската заедница и со заложбите да се усогласи законодавството со она на ЕУ, Македонија е обврзана да го либерализира енергетскиот пазар за не-домаќинствата и домаќинствата. За да има либерализиран пазар, цената на електричната енергија треба да ја достигне пазарната цена. Што е уште поважно, земјата е увозно зависна, чија зависност растеше во текот на годините што пак неповолно влијае врз нејзиниот трговски дефицит. Можност за намалување на енергетските увози е зголемување на производството на електрична енергија од домашни извори – јаглен или обновливи извори. За ова да се реализира потребни се споменатите инвестиции, т.е. градење на домашни инфраструктурни капацитети за производство на електрична енергија како и мерки за зголемување на уделот на обновливата енергија. Така, кругот на наведените факти појаснува дека цената на електричната енергија не може да се намали. Итните проблеми во овој поглед се недостатокот на инвестиции во енергетските капацитети во изминатите децении и непостоењето на силни имплементирачки мерки за реализирање на напишаните енергетски стратегии, кои имаат за цел да придонесат кон долгорочен одржлив развој на енергетскиот пазар и сигурно снабдување со енергија.
Второ, ситуацијата со цената на топлината од централното греење е покомплицирана. Таа исто така е регулирана според соодветното секундарно законодавство, но зголемувањето на нејзината цена е делумно поради зголемување на користените енергенси за производство на топлина (гас и нафта), но и други важни фактори играат улога во овој контекст. Всушност, централното греење е пред се во рацете на Топлификација Груп, најголемиот сопственик на произвоството, снабдувањето и дистрибуцијата на топлина во земјава. Природниот гас не се користи за греење на домаќинствата и нема развиена дистрибуциска гасоводна инфраструктура, така што индивидуалните форми на греење пред се се базираат на дрва или електрична енергија. Освен тоа што Топлификација Груп се реструктуираше со цел со зборови на фирмата „да го реформира пазарот на топлина“ со одделување на функциите на производство, снабдување и дистрибуција, сите ново формирани фирми се дел од Топлификација Груп. Со тоа што има доминантна позиција на пазарот, неприфатливото однесување на овој актер лесно беше забележано од некои од институциите. Во оваа насока, Регулаторната комисија за енергетика повеќе пати го покрена прашањето за тоа дека фирмите на пазарот на топлина не ги набавиле енергенсите во целост согласно Законот за јавни набавки што резултирало со ненамалување на цената на топлината за крајните корисници. Ситуацијата со пазарот на топлина е многу проблематичен во државата – бројот на потрошувачи кои го напуштаат централното греење се зголемува, кои се приклучуваат на дрва или електрична енергија, при што и двете форми обично се изведуваат на неефикасен начин, што води кон поголема потрошувачка на енергија, и како резултат на тоа кон поголема потреба од увоз на енергија. Како резиме, очигледно е дека овој пазар треба да се демонополизира со зголемување на бројот на актери на пазарот пред се произведувачи и снабдувачи на топлина, со гасификација на државата, градење на когенеративни постојки, подобрување на енергатската ефикасност во зградите итн.
Трето, разбирливо е дека промената кон либерализација ќе има последици од социјален карактер за граѓаните. Но, во Македонија поради споменатите проблеми со зголемување на увозот на енергија, недостатокот на опции за греење, скромен економски развој и структурно висока невработеност, ситуацијата не ги засегна само социјалните категории, туку и поширок круг на луѓе. Со оваа ситауција треба да се справи двострано. Од една страна, граѓаните треба да разберат дека деновите на ефтини енергетски услуги се во минатото, па затоа треба да се информираат за потребните мерки кои треба да ги преземат за да го избалансираат енергетскиот шок – да воведат мерки за енергетска ефикасност, да инсталират сончеви колектори и сл. Од друга страна, соодветните институции треба да размислат за иновативни и продуктивни мерки за поддржување на граѓаните во овој енергетски реформски процес – да иницираат основање на фонд за мали грантови за физички лица со цел граѓаните да можат да имплементираат мерки за енергетска ефикасност, да даваат средства за едукација и подигање на свеста за енергетските прашања итн.
Како заклучок, како што енергетската транзиција е во тек потребно е да се сфати дека земјата не е имуна на глобалните предизвици како недостаток на енергија и последици од климатските промени. Затоа, со ова разјаснување на суштината на проблемите, протестите треба да бидат насочени кон извршување на демократски притисок врз соодветните институции (не само кон Регулаторната комисија за енергетика) да ги поттикнат да ги имплементираат нивните ветувања на хартија во енергетските документи како и да бидат потранспарентни во креирањето на енергетската политика. На тој начин причината за протестите за пофер одлуки во енергетиката ќе биде вистинска иницијатива „од доле нагоре“ која би придонела кон реализирање на енергетските цели на државата.
Оригиналиот текст на англиски јазик