Се наближува летото (барем календарски), а со тоа и високите температури, кои секое лето нѝ создаваат многу проблеми (освен на бабите, кои би можеле и во август да облечат џемпер 🙂 ).
Кога луѓето зборуваат за разладни системи во своите домови, обично мислат на клима уредите или на вентилатори, а доста чести во поново време се и централните системи за ладење, греење и вентилација. Но, постојат и други, едноставни методи кои можат да помогнат во разладувањето на вашиот дом во жешките летни денови.
Постојат два начини на ладење на домот: активно и пасивно. Во активни мерки на ладење спаѓаат сите оние за кои е потребно да се потроши енергија (најчесто електрична), како клима уреди, централен вентилациски систем или вентилатори. Во пасивни мерки, секако, спаѓаат оние за кои не е потребно вложување дополнителна енергија.
Активно ладење
Очигледно, прв избор се клима уредите. Иако не се речиси ни малку „штедливи“, во последно време се прават напори за креирање на енергетски поефикасни климатизери. Ако се одлучите да купувате нов климатизер, осигурајте се да е енергетски ефикасен. А бидејќи голем дел од клима уредите користат разладни гасови кои се штетни за озонската обвивка, препорачуваме да обрнете внимание и на тоа.
Ако имате вграден клима уред, еден од начините да заштедите на енергија е да ја подигнете температурата на термостатот за еден до два степени. Нема да почувствувате голема разлика во температурата, но ќе почувствувате на сметката за потрошена електрична енергија, бидејќи со зголемување на температурата за еден степен се намалува потрошувачката за 1.5-2%, во зависност од моќноста и ефикасноста на клима уредот. Еден мал трик кој може да помогне е поставување на тавански вентилатор во линија на клима уредот. Со тоа ладниот воздух од климатизерот се разнесува и лади поголема површина. Може да се користи и обичен преносен вентилатор поставен на високо. Со тоа можете да ја подигнете температурата на термостатот уште за 2 степени без да забележите некоја разлика.
Друг начин на ладење, доста практикуван во последно време, се геотермалните пумпи. Нивната привлечност е пред сѐ затоа што е тоа централен систем кој служи и за ладење и за греење. Почетната инвестиција, како и кај секој поголем систем, е релативно висока, но се враќа брзо преку заштеда. Геотермалните пумпи, иако трошат енергија за работата на самата пумпа, таа не е висока. Моќноста на пумпа доволна за просечен македонски дом изнесува околу 2kW, што е помалку од една кварцна греалка.
Пасивно ладење
Како што веќе споменавме, пасивното ладење ги опфаќа сите оние мерки за кои не е неопходно вложување дополнителна енергија. Всушност, за разлика од активното ладење, кое претставува процес на отстранување на затоплениот воздух од просторијата (просториите), пасивното ладење претставува превенција на загревање на воздухот. Еден од начините на превенција е одбивање на сончевата светлина од домот. Тоа може да се направи со бојадисување на покривот (доколку е метален) со посветла боја, со што сончевите зраци ќе се одбиваат во поголема мера, наместо да се апсорбираат. Според некои пресметки, темната кровна конструкција може да апсорбира од 70-90% од сончевите зраци. Бојадисување на надворешните ѕидови на куќата исто така се препорачува, иако не би имало некој поголем ефект, пред сѐ затоа што топлината во лето не се пренесува во голема мера преку ѕидот, за разлика од зимно време.
Изолација – како што кажавме во претходниот случај, изолацијата на ѕидовите е побитна за зимско одржување на температурата во домот. Но може да се направат дополнителни мали зафати, посебно на покривот, што значително ќе ја намали температурата во домот со поставување на тенки плочи стиропор на таванот или под кровот (или и двете).
Прозорци и врати – околу 40% од несаканата надворешна топлина влегува во домот преку прозорците. Затоа се препорачува квалитетна дограма, по можност со двојни прозорци. Во случај во моментот да не располагате со доволно финансиски средства за ваква инвестиција, добро привремено решение е поставување на изолациони ленти на вратите и прозорците со што би се спречил провев низ нив.
Настрешници и ролетни – може да се постават настрешници или различни видови на направи за блокирање на светлината на сите прозорци и врати кои се наоѓаат на осветлените страни на куќата (исток, запад и југ). Настрешниците се доста погодни, зашто можат да се собираат и пуштаат онолку колку што ќе посакате. Пожелно е да се направени од материјал со посветла боја за што поефективно одбивање на светлината. Исто така, добар избор се и направите за блокирање на светлината, како ролетни, венецијанери, вариолајт завеси… Посебно корисни се ролетните (пожелно бели), бидејќи ја задржуваат истата функција и за во зима, ја намалуваат и бучавата и обезбедуваат и физичка заштита на прозорците.
Можеби најсимпатичен, најприроден и најевтин метод за пасивно ладење на домот е со засадување растенија. Најпогодни за ова се лијани, бидејќи растат многу брзо, а во зимскиот период ги губат лисјата, па не се намалува количеството светлина, кое пак тогаш е пожелно. Со правење природна сенка над просторијата може температурата во неа да се намали и до 11 степени. Исто така, се намалува и температурата во вашиот двор за околу 4-5 степени. Доколку наместо плочки или цемент посеете трева, тлото ќе задржува поголемо количество влага, дополнително придонесувајќи за ладење на целиот комплекс.