Доколку сте сопственик на мало претпријатие или мала работилница и ако сакате да заштедите на сметките на електрична енергија, тогаш сте на вистинското место. Ова е еден мал ЕСКО пример за таков вид на претпријатија. Овие неколку совети се однесуваат најмногу за магацини, продавници, ординации, канцеларии и сл. Она што е заедничко за нив е што потрошовачката на енергија отпаѓа на неколку исти работи. Греење и ладење, електрични апарати и осветлување. Како најлесно да се влијае на овие работи во текстот подолу.
- Греење. Доколку се греете на струја тогаш сигурно дека имате астрономски цени на струјата. Доколку струјата е единствена опција за вас за греење тогаш единствено што може да направите е да го замените стариот климатизер со нов кој има поголема енергетска класа. Доколку сте спремни на други начини тогаш пелетите се една од опциите. Иако дрвата се сè уште најевтина опција, сепак доколку сакате почиста опција која е значително поевтина од струјата, тогаш пелетите се логичен избор. Горилницте на пелети се мошне ефикасни, нема валканици наоколу како со дрвата, не се скапи како порано и горилникот се полни само еднаш во денот. На неколку дена се чистат од пепел и не зафаќаат многу простор. Потенцијална заштеда до 50% во однос на струјата во зависност од типот на грејното тело кое го имате дотогаш користено. Се разбира, тука значително влијае и степенот на изолација на ѕидовите и прозорците за кои имаме доста пишувано на блогот и има доста информации на таа тема.
- Осветлување. Најдобро е замена на тековното осветлување со ЛЕД светилки. Доколку тоа се направи би се генерирала заштеда на осветлувањето до 60%. Иако почетната инвестиција е малку голема, сепак со време се исплаќа не само во смисла на генерирана заштеда, туку и на долгорочност со оглед дека ЛЕД светилките имаат подолг век на траење од кој било друг вид светилки. Сепак, ако не можете да си го дозволите тоа, тогаш предлагаме да ги надградите вашите неонски светилки (под претпоставка дека користите неонски светилки) со магнетни пригушници кои ќе овозможат заштеда до 25%.
- Електрични апарати. Повеќето претпријатија имаат само неколку компјутери, фискални каси, печатари, секенери и сл. Кај дел треба при купувањето да се внимава на енергетската клас, а кај дел нема енергетска класа. Но сепак, доколку веќе мора да работите со тоа што имате, тогаш може да се направи нешто. Во текот на работниот ден тие често се оставаат на стенд бај. Количината на електрична енергија која се троши додека се на стенд бај не е за занемарување. Решение за ова е да се набави еден вид на уред од фирмата Белкин кој штеди енергија на тој начин што кога уредите се на стенд бај мод. На прв поглед изгледа само како еден вид продолжен кабел со повеќе изводи. Но, всушност, во себе крие автоматика која го регулира стенд бајот кај уредите со тоа што трошат помалце струја за разлика доколку би биле без него. Во Македонија во моментот не се продава, но се надеваме дека во иднина ќе се најде во продажба.