Агенцијата за комуникациски менаџмнет и односи со јавност „Имиџ ПР“ ја доби високата награда за комуникацискиот проект „Енергетска математика“ од Интернационалната асоцијација за односи со јавност – IPRA (The International Public Relations Association), со што Македонија за прв пат е ставена на мапата земји добитнички на оваа престижна награда од областа на односите со јавноста
Комуникацискиот проект „Енергетска математика“ ја доби престижната награда “Golden World Award” што ја доделува Интернационалната асоцијација за односи со јавност – IPRA, во категоријата „Односи со заедницaта“. „Golden World Award” е прва престижна награда доделена од IPRA, што ја добива проект од Македонија.
Наградата за „Енергетската математика“ ја доби Агенцијата за комуникациски менаџмнет и односи со јавност „Имиџ ПР“, а во реализацијата на креативниот и продукциски сегмент работеше и тим на адвертајзинг агенцијата „Идеа Плус Комуникации“ од Скопје. „Имиџ ПР“ е водечка агенција за комуникациски менаџмент и односи со јавност во Македонија, основана во 2002 година, како прва специјализирана агенција од оваа област.
Според оценките на стручното жири на IPRA, проектот „Енергетска математика“ покажал извонредни комуникациски резултати, интерактивност и иновативност, со што се исполнети највисоките професионални стандарди. На свеченото доделувањето на наградите што се одржа во Доха, Катар, председателот на IPRA Барт де Врис истакна дека годинава, при оценување на пристигнатите решенија, стручното жири оценило дека победничките проекти покажуваат голем напредок во сегментите на мерливоста и анализите на резултатите.
„Енергетска математика“ е дел од Платформата за енергетска ефикасност, што ЕВН Македонија ја спроведува од 2012 година заедно со Министерството за економија и Агенцијата за енергетика на Република Македонија, а чија цел е поголема примена на енергетската ефикасност во сите сегменти од современото работење и живеење.
„Енергетската математика“ е комплексен комуникациски проект кој преку различни канали на комуникација ја пренесува главната порака за „вредноста“ на електричната енергија изразено преку киловат час и начините на кои може да се рационализира потрошувачката во секојдневниот живот. Комуникациските средства подготвени на едноставен и секому разбирлив јазик покрај другото опфаќаат: осум филмувани епизоди од секојдневиот живот на просечното семејство Јаневи и Адеми, кои се емитуваа на македонски и албански јазик, вклучување на младата публиката преку интеракција на социјалните медиуми, едукативни работилници за заинтересираната јавност, надворешно огласување, радио пораки, телевизиски видео материјали итн. Енергетската ефикасност е тема која покрај тоа што има големи ефекти врз животната средина, значајно влијае и на семејниот буџет.
Меѓународната организација за односи со јавност – IPRA е основана на 1. мај 1955 година во Лондон, каде што и денес се наоѓа седиштето на организацијата. Иницијативата за основање на оваа организација потекнува од практичарите за односи со јавност од Холандија и Велика Британија. Денес, IPRA е најголемата светска организација за односи со јавност во која членуваат практичари од оваа област од целиот свет. Како независна организација, IPRA е активна и организира низа настани во насока на подигнување на стандардите во професијата, едукација и размена на идеи и искуства помеѓу професионалците од оваа област од целиот свет. IPRA, како професионална организација, е признаена и од Обединетите нации и има советодавен статус во Економскиот и Социјалниот совет (ECOSSOC), како и во УНЕСКО.