Енергијата е голема индустрија. Постојат 12 нафтени и гасни компании во Топ 100 листата на Форбс за најголемите 2000 јавни компании. Нафтените џинови Exxon Mobil, Royal Dutch Shell и BP се во првите десет. Но, и тие изгледаат џуџесто во споредба со државните нафтени компании на Саудиска Арабија, Мексико, Венецуела и Кина. 38 од 45 – те милијардери кои ги направиле своите богатства од енергија ќе ги најдете во САД и Русија. Канада има тројца, Саудиска Арабија, Франција, Австралија и Индија по еден. На врвот на листата со 18,2 милијарди долари, и на единаесеттото место меѓу најбогатите луѓе во светот, е рускиот експатријат, сиракот Роман Абрамович. Првите големи пари ги направи во серија контроверзни зделки за извоз на нафта во раните 90 – ти. Но, неговото банкарско конто навистина почна да се здебелува во 1995 – та кога се здружи со Борис Березовски за да го преземат нафтениот гигант Сибнефт, за делче од неговата пазарна вредност.
Кога Березовски побегна од Русија во 2000 – та за да избегне обвиненија за измама го продаде својот удел на Абрамович, кој за да избегне слични обвиненија, во 2005 – та ги продаде своите 75,6% од Сибнефт на државниот енергетски гигант Газпром за 13 милијарди. И тој, потоа, се пресели во Лондон каде што управува со фудбалскиот клуб Челзи и инвестира во комерцијални недвижнини во Москва. Следните најбогати енергетски милјардери се браќата Чарлс и Дејвид Коч, со поединечни богатства од по 12 милијарди долари, а кои исто така имаат поврзаности со Русија и заработуваат до нафта и гас. Нивниот татко, Фред К. Коч, дипломиран студент на познатиот Институт за технологиј во Масачусетс (MIT), измисли начин за претворање на тешката нафта во бензин. Ја однесе технологијата во стариот Советски Сојуз, се разочара од Сталин и се врати во САД за да се приклучи на конзервативното здружение на Џон Бирч. Чарлс стана претседател на Koch Industries по смртта на таткото, го прошири бизнисот во хемикалии, цевководи, асфалт и трговија со разни стоки. Со превземањето на компанијата Georgia-Pacific за 21 милијарди долари Коч Индустрис стана најголемата приватна компанија во САД со остварена продажба од 90 милијарди долари во 2005 – та.
Вагит Алекперов е највисоко рангираниот активен нафташ на нашата листа . Пред петнаесет години тој беше министер за нафта и енергија на СССР. Сега е претседател и еден од најголемите акционери во Лукоил, најголемата приватна компанија во Русија и е 37 – иот набогат човек во светот со богатство од 11 милијарди долари. Тој е истакнат лојалист на Путин во време кога поголемиот дел од нафтената и гасната индустрија на Русија е одновно национализирана под капата на Газпром. Лукоил има растечки интереси надвор од Русија, вклучувајќи рафинерии во Источна Европаи ланецот бензински станици Getty во САД. Компанијата ја склучи својата најголема зделка есента во 2005 – та кога ја купи Nelson Resources во Казахстан за 2 милијарди долари.
Преземено од списание енергетика