За разлика од кризата во останатите сегменти на економијата, ова беше одлична година за инвестирање во бизнис со ниски емисии на јаглерод.
Годинава беше одбележана од земји кои сѐ повеќе се посветени на намалување на емисиите на стакленички гасови, уверувајќи се дека не постои друг начин за справување со климатските промени и дека за обезбедување на одржлив развој во иднина неопходно е префрлање на зелени извори на енергија.
Додека повеќето земји низ светот навистина се потрудиле околу намалувањето на јаглеродните емисии, има и неколку кои отскокнуваа со своите големи и радикални промени преземени во насока на одржлив зелен развој.
Европска унија
ЕУ е можеби најагресивна од сите, кога станува збор за остварување на целите за намалување на емисиите до 2020 година. На самиот крај на годината, еден нов извештај на ЕурОбсервер Барометар покажа дека ЕУ како целина е на добар пат да ги оствари зацртаните цели од 20% обновлива енергија во наредните осум години. Имено, уделот на обновливите извори на енергија во вкупната потрошувачка пораснала од 12.5% во 2010г. до 13.4% во 2011г.
Оваа година ЕУ постигна и капацитет на 100GW инсталирана моќност на ветерни турбини, што е еквивалентно на моќноста на 39 нуклеарни централи. Во меѓувреме, земјите од ЕУ станаа водечки регион во светот по искористување на сончевата енергија, со околу 2/3 од вкупните соларни инсталации во светот.
За понатамошно намалување на емисиите на CO2 во ЕУ се планира мерење и нагледување на емисиите во бродскиот транспортен сектор во 2013г. причината е што глобалните емисии во тој сектор изнесуваат 900 милиони тони годишно, со тенденција да се удвојат до 2050г. ако не се преземе ништо.
Од друга страна, финансирањето е клучен фактор за напредокот на еколошки чисти технологии, а во тој поглед ЕУ е навистина дарежлива. На пример, за „паметни технологии“ за градови, ЕУ одобри 365 милиони евра за истражувања за енергија, транспорт и комуникации за справување со проблеми како пренатрупаност и отпад. Слично, во декември беа доделени околу 1.2 милијарди евра во грантови на 23 високоиновативни проекти за обновливи извори за енергија, кои опфаќаат проекти за биомаса, концентрирана соларна енергија, геотермална енергија, ветерна енергија, енергија на океанот и паметни мрежи.
Индија
Меѓу земјите во развој, Индија има најзабележителен зелен раст во 2012г., според бројот и интензитетот на преземените дејства за намалување на емисиите.
Индија годинава ја надмина границата од 1GW инсталирана моќност на соларни фотонапонски инсталации. Планот е во првата фаза од Националната соларна мисија до 2013г. да се достигне до 1.1GW инсталирана моќност. Во текот на оваа фаза беше забележан раст од 17.8MW во 2010г., на 1044MW на 31 август 2012г. Целта на втората фаза е достигнување на 10GW инсталирана моќност на фотоволтаични системи.
Во меѓувреме, со цел намалување на емисиите од транспортниот сектор, Индија годинава усвои план за поддршка на електричните возила низ земјата во наредните 8 години, неверојатни 4.1 милијарди долари за хибридни или чисто електрични возила, со намера за достигнување на бројка од 6 милиони зелени возила во земјата.
Во однос на зелените градби, Индија има амбиции да стане една од водечките земји во светот до 2015г. Веќе се сертифицирани 307 одржливи згради, вклучувајќи тука хотели, трговски центри, административни згради и инфраструктурни објекти, како што е Терминалот 3 на Меѓународниот аеродром „Ганди“. Иако во останатите земји мерките за зелени градби најмногу се однесуваат на големите објекти, во Индија мислат дека и малите градби како целина можат многу да придонесат за намалување на емисиите. Затоа е донесена програма за поддршка и изградба на згради помали од 2500 квадратни метри, кои ќе ги исполнуваат најновите стандарди за зелени градби.
Што се однесува до Македонија, сигурно дека не можеме да се споредуваме со ЕУ и Индија, ни по финансиска моќ, ни по човечки ресурси. Но не сакам да мислам дека не можеме да се споредуваме по интелектуална моќ, па да не научиме ништо од она што тие го постигнуваат.